Мицкоски попушта само да не ја загуби дијаспората
Можното поместување од тврдите позиции и на власта и на опозицијата за изборната регулатива следува откако евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека Изборниот законик е добар и им порача и на власта и на опозицијата дека треба да постигнат консензус.
Откако „црвената линија“ на ВМРО-ДПМНЕ за електронско гласање на македонските граѓани во дијаспората го затрупа Изборниот законик со 13.500 амандмани, премиерот Христијан Мицкоски како алтернатива за откочување на изборната регулатива го нуди гласањето по пошта.
Опозицијата е волна да ги продолжи разговорите за Изборниот законик, но не открива дали гласањето по пошта на дијаспората ќе значи и консензус за Изборниот законик, откако Мицкоски јавно потврди дека ќе ги прифати сите барања на опозициските партии.
Можното поместување од тврдите позиции и на власта и на опозицијата за изборната регулатива следува откако евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека Изборниот законик е добар и им порача и на власта и на опозицијата дека треба да постигнат консензус.
Препорачано

Рокас смета дека не е затворено прашањето за Изборниот законик и, како што вели, сè уште има дискусија за него и дека е потребен консензус меѓу партиите.
Според Рокас, Законикот сам по себе е добар.
– ОДИХР и Европската комисија дадоа позитивна оценка, но она што преостана се модалитетите. Јас разбирам дека има несогласувања кога се работи за овие модалитети, но чувствувам дека има добра волја тоа да се надмине. Парламентарната комисија задолжена за Изборниот законик веќе работи и се надевам дека партиите за толку важна работа ќе бидат во можност да седнат и да постигнат консензус за ова сензитивно прашање. Основите на законот и самиот закон се навистина добри – рече Рокас.
Мицкоски: Понекогаш проработува Фројд
Мицкоски, повикувајќи се на изјавата на Рокас, рече дека Изборниот законик е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и обвини дека опозицијата неодговорно се однесува.
– Но ние сме подготвени повторно да седнеме да разговараме во делот на гласање на дијаспората, како да го подобриме тој процес, како да ја вклучиме повеќе дијаспората – рече Мицкоски.
Тој обвини дека опозицијата се спротивставува на електронското гласање, иако десетици земји во светот примениле такво гласање. Премиерот додаде дека естонскиот модел на електронско гласање е целосно разработен и дека, иако понудата е тој да почне од претседателските избори во 2029 година, опозицијата е исплашена оти смета дека и тогаш ќе биде во опозиција и дека некој повторно ќе им ги украде изборите.

– Фројд понекогаш проработува. Тие мислат дека како тие што се однесувале, сите така се однесуваат. Ние сме подготвени повторно да седнеме, да разговараме за гласањето на дијаспората, да најдеме модалитет, да биде во обем многу поголем со што би заштедиле пари. Еве, нека биде со писма, преку пошта, како било, да најдеме форма како да го интензивираме гласањето на дијаспората и да го направиме достапно за нив. А, што се однесува до сите други нивни барања, јас кажав дека ние како најголема политичка партија ги прифаќаме без да дискутираме – рече вчера Мицкоски.
Премиерот кажа дека ќе ги прифатат барањата во делот на заокружувањето на бројката или на името на партијата, и тоа на предлог на опозицијата, како и во делот на жалбите по завршувањето на изборите.
– Јас би сакал да бидат 10 од 10 чекори исполнети. Имаме време до 15 јули отприлика да седнеме. Подготвени сме уште еднаш да се обидеме да најдеме начин да го надминеме ова што опозицијата го прави преку своето неодговорно однесување – рече Мицкоски.
СДСМ и Левица прифаќаат разговорите да продолжат
Од пратеничките групи на СДСМ и на Левица за „Слободен печат“ велат дека ќе прифатат да продолжат разговорите за Изборниот законик на ниво на координатори на пратеничките групи, а ставот за предлогот дијаспората да гласа по пошта, ќе го кажат откако ќе го слушнат предлогот на власта.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче повтори дека опозицијата ќе биде конструктивна, но не по цена на изборен грабеж. Тој му се заблагодари на Рокас дека се бори за доброто на земјата, но рече дека е жално што имаме антиевропска власт.

– Нашите позиции за Изборниот законик јасно ги кажавме и ги образложивме од што стравуваме и зошто сметаме дека тоа не е добро да биде така формулирано во законот. Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето што живеат тука? Зошто ние тука да оставаме фингерпринт, а некој да гласа електронски или со писмо? Зошто да не е еднакво безбеден процесот на гласање за тие што се во земјава и тие што не се тука? Ние за тоа се бориме. Зошто премиерот Мицкоски става таков товар на тие што живеат во дијаспората – утре некој да им каже дека биле дел од изборна измама? Зошто да ги изложуваме на таков ризик? – праша Филипче.
Тој повтори дека аргументите на опозицијата се издржани и дека тие не се само за да помине или не помине законот. Тој праша зошто ДИК да не може да одлучува за целокупниот материјал на изборите, а не само за приговорите што се влезени во записниците, и зошто да дозволат различно обележување на гласачкото ливче кога е јасно дека треба да се заокружи само бројот пред името на партијата.
– Ама тоа што премиерот менува предлози само за да помине законот, создава сомнеж зошто го прави тоа, а не одговара на вистинските прашања. Зошто дозволува да се отвори врата за манипулација на изборниот процес? Секогаш ќе бидеме конструктивни за тие закони, но не по цена на изборен грабеж – рече Филипче.
Според него, бидејќи предлогот на Мицкоски за електронско гласање на дијаспората треба да почне за претседателските избори во 2029 година, тогаш за тоа прашање има време да разговара работната група.


