ФОТО | Армијата се збогати со нови радари и возила, набавени со 40 милиони евра од ЕУ
Нова опрема за Армијата набавена со средства од ЕУ денес беше презентирана во касарната „Илинден“ во Скопје, а примиерот Христијан Мицкоски изјави дека е благодарен за донацијата и дека Владата ќе се потруди да ги исполни сите барања на НАТО.
Препорачано
Станува збор за набавка реализирана преку Европскиот мировен фонд во вредност од 40 милиони евра, а испораката е поделена во три пакети, од кои во земјава веќе пристигнале првиот пакет и дел од вториот.
Меѓу новата опрема се радари, термални камери, транспортни возила, симулатори, 3Д-радар и преносни сензори, додека во третата фаза се очекува испорака на логистичка, комуникациска и пешадиска опрема.

На презентацијата присуствуваа премиерот Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, евроамбасадорот Михалис Рокас и началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски.
Рокас оцени дека безбедноста е еден од клучните сегменти на партнерството меѓу ЕУ и Македонија, потсетувајќи дека во 2024 година беше потпишано партнерство за безбедност и одбрана.
„Навистина сме задоволни што може да видиме видливи резултати од ова партнерство. Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме непосредно со цел да се соочиме со сите безбедносни предизвици со коишто Европа се соочува“, изјави Рокас.
Премиерот Мицкоски, пак, се заблагодари за поддршката од Европската Унија и рече дека Владата е посветена на исполнувањето на обврските кон НАТО.

Македонија веќе издвојува средства за одбраната во висина од околу четири проценти од бруто-домашниот производ, што, според Мицкоски, претставува предизвик.
„Имајќи предвид дека номиналниот бруто-домашен производ во последно време расте со стапка од осум проценти и повеќе, ќе претставува предизвик, но секако ние, како Влада, имаме приоритет да инвестираме во нашата македонска Армија“, изјави премиерот.


