ФОТО | Уште еден успех на театарот „Вортекс“ — претставата „Кокошка“ со специјална награда на престижен фестивал во Русија
Со ова признание, претставата ја доби препознатливата фестивалска награда „Метална комета“, во конкуренција на 28 театарски продукции.
Претставата „Кокошка“, во продукција на независниот театар „Вортекс“ и копродукција со Театар Комедија, освои Специјална награда од стручното жири составено од истакнати театарски уметници на 19. Меѓународен фестивал на современа драма „Кољада плејс 2026“ (Kolyada Plays 2026), што се одржа во Екатеринбург, Русија.
Препорачано
Специјалната награда на фестивалот се доделува во форма на метална ѕвезда со опашка – симболично наречена „Метална комета“, заедно со голем клинец, според идејата дека „кометата треба да се заковa за ѕидот за да не одлета“.

Фестивалот „Кољада плејс“ е еден од најзначајните и највлијателни театарски фестивали во Русија и пошироко во Источна Европа, основан во 2008 година од рускиот драмски автор, режисер и педагог Николај Кољада — една од клучните фигури на современата руска драматургија. Неговите текстови се поставувани на сцени низ Европа, а фестивалот со години претставува важна платформа за нова драматургија, авторски театар и меѓународна размена на современи сценски практики.
Годинава на фестивалот пристигнале 94 апликации, од кои беа избрани 28 продукции, меѓу кои и „Кокошка“ – единствената претстава од Македонија.

Да се биде дел од овој театарски фестивал беше еден вид на победа за нас, а наградата уште една причина повеќе да бидеме горди на нашата претстава. Бевме пречекани на најдобар можен начин и од домаќините и од публиката, а за условите во театарот немаме зборови. На секој оној што ќе му се укаже можноста да гостува таму, му препорачувам да ја искористи шансата, бидејќи станува збор за едно големо и неповторливо театарско искуство – вели актерката Ванеса Тримчевска за „Слободен печат“.

„Кокошка“ е работена по текст на драмскиот автор Николај Кољада, а режијата ја потпишува Теодора Силјаноска. Во претставата покрај Тримчевска, настапуваат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимограф е Марија Пупучевска, соработник за сценско движење Дарко Велиќ, изборот на сценографијата и музиката е на Теодора Силјаноска, а дизајнот на плакатот го изработи Михаил Велески.
Претставата го истражува копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сè постуден и поапатичен. Низ апсурд, импровизација и секојдневни ситуации, ликовите создаваат жив театарски чин како обид да се соочат со внатрешниот хаос и нарушените општествени вредности. „Кокошка“ е приказна за младоста – немирна, искрена и гладна за промени, која се судира со стравот, рамнодушноста и затворените системи. Како џез-импровизатори, ликовите играат против непредвидливото, барајќи простор за надеж, слобода и човечност – посочуваат од „Вортекс“.
Ова не е прво значајно признание за „Кокошка“. Претставата ги освои двете најзначајни награди на јубилејното десетто издание на Интернационален театарски фестивал во Приштина, кое се одржа од 18 до 23 мај во Приштина. Наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот ѝ беше доделена на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Ала во претставата „Кокошка“, додека претставата ја доби и главната награда за најдобра претстава на фестивалот.
Од следната сезона претставата може да се погледне на малата сцена на Театар Комедија.


