турски лири фото миа

Турција бара приклучување кон европскиот систем за поевтини плаќања во евра

Турскиот министер за финансии Мехмет Шимшек изјави дека Турција аплицирала за приклучување кон Единствената европска зона за плаќања (СЕПА), заедно со низа други економски реформи насочени кон зајакнување на интеграцијата со ЕУ.

За време на економскиот дијалог меѓу Турција и Европската Унија во палатата Долмабахче, на заедничка прес-конференција со европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис, Шимшек изјави дека Турција испратила писмо со намера до Европскиот совет за плаќања за пристап до системот СЕПА, кој овозможува побрзи, поевтини и побезбедни прекугранични трансфери во евра, објави Ројтерс.

СЕПА, која функционира во рамките на Европската Унија и на пошироката европска финансиска мрежа, овозможува стандардизирани плаќања во евра помеѓу земјите членки и придружните земји, вклучувајќи одредени држави кои не се во ЕУ, но учествуваат во европските финансиски системи.

Шимшек изјави дека приклучувањето кон СЕПА-системот значително ќе ги намали трошоците за меѓународни трансакции за граѓаните и компаниите во Турција, каде што во моментов се плаќаат провизии од 15 до 200 евра за испраќање евра во странство, додека во рамките на СЕПА-системот таквите плаќања би биле значително поевтини или бесплатни.

Покрај финансиската интеграција, Шимшек најави и промени во законодавството за јавни набавки, што би им овозможило на компаниите од Европската Унија да учествуваат на турските јавни тендери, со услов за реципроцитет, односно турските компании да имаат ист пристап до пазарите на тие земји.

Домбровскис оцени дека во „сè пофрагментираната глобална средина“ постои значителен неискористен потенцијал за посилна економска соработка помеѓу ЕУ и Турција, особено во областите на трговијата, инфраструктурата и логистиката.

Тој ги издвои инфраструктурните проекти како што се железничките коридори во Истанбул како клучни за зајакнување на регионалната поврзаност и трговските текови во поширокиот регион на Црното Море и Јужен Кавказ.

Банкарскиот сектор е целосно вклучен во шемата за кредитни трансфери на СЕПА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот