УЈП - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

За шест месеци во буџетот влегоа 2,27 милијарди евра – УЈП со рекордна наплата на даноци и придонеси

Приходите се повисоки за 231,8 милиони евра во однос на лани, а најголем раст бележат ДДВ, данокот на добивка и персоналниот данок.

Во првите шест месеци од 2026 година во државниот буџет се слеале 2,271 милијарда евра по основ на даноци и социјални придонеси, што е за 231,8 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).

Според податоците, даночните приходи во периодот јануари–јуни пораснале за 14,9 проценти, додека приходите од социјални придонеси се зголемиле за 7,6 проценти. Особено се издвојува јуни, кога е регистриран раст на даночните приходи од 41,6 проценти, а наплатата на придонесите е повисока за 12 проценти во однос на истиот месец лани. Од УЈП оценуваат дека резултатите се должат на подобрената доброволна даночна дисциплина, стабилната економска активност и поефикасната наплата, што, според институцијата, придонесува за стабилни јавни финансии и навремено финансирање на здравството, образованието, социјалната заштита и инфраструктурните проекти.

По основ на данок на добивка во првото полугодие се наплатени 224,5 милиони евра, што е раст од 14,5 проценти во однос на истиот период во 2025 година. УЈП наведува дека растот е резултат на подобрените финансиски резултати на компаниите во текот на 2025 година, а највисока месечна наплата во последните пет години е забележана во март и април годинава.

Кај данокот на личен доход се наплатени 285,2 милиони евра, што претставува зголемување од 11,7 проценти. Најголем раст има кај приходите од работен однос, договори на дело, авторски права, закупнини, капитални добивки, игри на среќа и годишниот данок на доход. Само во јуни наплатата по оваа основа е зголемена за 20,8 проценти.

Фото: УЈП

По основ на данокот на додадена вредност (ДДВ) се наплатени 703,4 милиони евра, што е за 16,4 проценти повеќе од истиот период лани. Од УЈП нагласуваат дека растот е постигнат и покрај примената на намалените стапки на ДДВ за горивата во дел од годината, што, според нив, покажува дека приходите се резултат на поголема економска активност, поширока даночна база и подобра наплата, а не на повисоки даночни стапки.

Од социјални придонеси во првото полугодие се наплатени 1,057 милијарди евра, што претставува раст од 7,6 проценти во однос на истиот период во 2025 година. Од Управата за јавни приходи оценуваат дека континуираниот раст на јавните приходи е показател за посилна економија, подобра даночна дисциплина и зголемена доверба во институциите, најавувајќи продолжување на реформите насочени кон помодерен и поефикасен даночен систем.

Не функционира апликацијата „Мој ДДВ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот