Рокас со порака до партиите: Седнете и договорете се за изборните правила
Евроамбасадорот Михалис Рокас изјави дека Изборниот законик добил позитивни оценки од ОДИХР и од Европската комисија, но посочи дека неговото усвојување мора да биде резултат на политички договор меѓу партиите.
Препорачано
Осврнувајќи се на заглавените измени, кои се дел од реформскиот пакет поврзан со европската агенда, Рокас рече дека разговорите за одредени модалитети сè уште продолжуваат.
„ОДИХР и Европската Комисија дадоа позитивна оценка. Она што останува да се усогласи се модалитетите. Разбирам дека постојат несогласувања, но чувствувам дека постои добра волја тие да бидат надминати. Парламентарната комисија веќе работи и се надевам дека партиите ќе седнат и ќе постигнат консензус за ова чувствително прашање“, изјави Рокас при промоцијата на нова воена опрема во касарната „Илинден“.
Тој посочи дека законското решение има добра основа и дека добило позитивна оценка од релевантните меѓународни институции.
Измените на Изборниот законик остануваат заглавени поради различните ставови околу начинот на гласање на дијаспората. Владата ја повика опозицијата да учествува во конструктивна дебата, нагласувајќи дека станува збор за дел од реформските обврски поврзани со евроинтегративниот процес.
Од друга страна, пак, СДСМ оценува дека предложените измени може да отворат простор за изборни злоупотреби.
Реформите од Планот за раст ќе бидат оценувани во септември
Говорејќи за реализацијата на реформите од Планот за раст, Рокас рече дека вниманието било насочено кон десетте приоритетни чекори, чиј рок истекол на 30 јуни.
— Уверен сум дека најголемиот дел од работата е завршен и очекуваме добри резултати. Извештајот во наредните десет дена ќе биде доставен до Европската комисија, која ќе ја направи конечната проценка во септември — рече Рокас.
Тој додаде дека е забележан напредок во сите 51 реформски чекор и дека реформскиот процес добил на динамика.
Наместо нов Изборен законик, повторно „козметички“ измени, ако опозицијата не го блокира
„Спремни сме за разговори за гласањето на дијаспората“
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека предложениот Изборен законик е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но ја обвини опозицијата за неодговорно однесување.
— Подготвени сме повторно да седнеме и да разговараме за гласањето на дијаспората и да најдеме решение што ќе овозможи поголема вклученост на нашите иселеници — изјави Мицкоски.
Решение треба да се изнајде до 15 јули.
Според премиерот, Владата е подготвена да разгледа и други можности, меѓу кои и гласање по пошта, со цел да се зголеми учеството на дијаспората и да се намалат трошоците.
Во делот на Планот за раст, Мицкоски рече дека земјата досега обезбедила 140 милиони евра, а со евентуалната нова финансиска поддршка сумата би можела да порасне на 240 милиони евра.
„Македонија е меѓу лидерите во регионот“
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, оцени дека Европската комисија ја препознава државата како една од поуспешните во регионот во спроведувањето на реформите од Реформската агенда.
Според Милошоски, последните анализи покажуваат дека Македонија, заедно со Албанија и со Црна Гора, е меѓу земјите кандидати што најдобро ги исполнуваат реформските обврски. Тој нагласи дека финансиската поддршка од Планот за раст директно зависи од постигнатите резултати и ја поздрави можноста за пренасочување средства од земјите со послаб напредок кон оние што бележат подобар учинок.
Милошоски ја повика опозицијата да не ги блокира законите поврзани со Реформската агенда, вклучително и со Изборниот законик. Според него, нивното усвојување ќе го зајакне кредибилитетот на државата пред Европската комисија и ќе овозможи поголем пристап до средствата од Планот за раст.
Реакцијата доаѓа откако „Јуроњуз“ објави дека Европската комисија подготвува прераспределба на средства од Планот за раст за Западен Балкан кон земјите што покажуваат најголем реформски напредок. Според тие информации, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се меѓу најуспешните корисници на европската финансиска поддршка.


