Силвија Митевска

Базенот во Тетово и нашето разбирање на еднаквоста

Доаѓаме до прашањето што, според мене, е најважно. Дали жените од Тетово навистина побарале засебни термини за користење на базенот? Или, пак, станува збор за мерка со која родовите стеги и стереотипи повторно се зацементираат преку одлуки што мажите ги носат во име на жените? Одговорот на ова прашање е суштински.

Голема јавна дебата предизвика најавата за воведување часови само за жени во базенот во Тетово. Во јавноста, ова прашање брзо се сведе на едноставен избор – или сте „за“ еднаквоста и против секакви исклучоци, или сте „за“ одвоени термини и, наводно, против еднаквоста. Но, ваквото поедноставување не ја одразува сложеноста на проблемот. Прашањето не е дали сме за или против еднаквоста, туку како ја разбираме и применуваме во ситуации кога различни права и општествени вредности се судираат. Оваа дилема покажува дека темата не може да се разгледува исклучиво низ призмата на формалната еднаквост. Таа отвора пошироки прашања за јавниот интерес, различноста, пристапот до спортот и улогата на институциите во создавањето услови за реално, а не само формално учество.

Најпрво, важно е да се нагласи дека мерки со ограничено време за користење јавни базени од страна на жени не се локален или изолиран феномен. Напротив, вакви политики и придружни јавни дебати се присутни во многу земји, од Данска, Франција и Белгија, до Австралија и САД. И во државата во која моментално живеам – Италија – во повеќе градови, како Рим, Торино, Фиренца и Венеција, ваквата практика постои веќе некое време. Некаде речиси никој не ја проблематизира, а некаде предизвикува сериозни политички и правни расправи. Тоа покажува дека прашањето не е ниту едноставно ниту универзално решено.

Критиките за одвоените термини најчесто посочуваат дека тие претставуваат форма на дискриминација. Според ова гледиште, јавните простори, како базените, мора да бидат еднакво достапни за сите граѓани, без исклучоци врз основа на род. Но ваквата аргументација често го поедноставува проблемот, бидејќи претпоставува дека женските термини за пливање постојат исклучиво поради религиски причини, што не е точно. Во многу држави, вклучително и во секуларни средини, постојат жени кои бараат или користат одвоени термини поради лични, културни или психолошки причини, а не само религиски. Удобноста во сопственото тело и чувството на приватност се често наведувани мотиви. Дополнително, истражувањата укажуваат дека дел од жените што преживеале сексуално насилство се чувствуваат побезбедно во простори без присуство на мажи, особено во активности како пливање, каде што телото е повеќе изложено.

Понатаму, дебатата наметнува уште едно прашање: дали ваквите мерки се спротивни на принципот на еднаквост или, пак, претставуваат „посебни мерки“ насочени кон постигнување реална, а не само формална еднаквост? Во правната теорија постои концептот на позитивни мерки, кои дозволуваат одредени исклучоци од формалната еднаквост доколку тие придонесуваат за подобрување на положбата на групи што се во понеповолна позиција.

Но она што, според мене, се изгуби во целата дебата е прашањето на намерата и ефектот. Оставајќи ја настрана дебатата дали оваа практика претставува де јуре или де факто дискриминација, вреди да се погледне во коренот на проблемот. Дали мерката навистина исклучува или, напротив, отвора простор за жени што инаку воопшто не би користеле јавен базен?

И тука доаѓаме до прашањето што, според мене, е најважно. Дали жените од Тетово навистина побарале засебни термини за користење на базенот? Или, пак, станува збор за мерка со која родовите стеги и стереотипи повторно се зацементираат преку одлуки што мажите ги носат во име на жените? Одговорот на ова прашање е суштински. Ако мерката произлегува од реална потреба на жените и им овозможува пристап до спортска активност што инаку не би ја користеле, тогаш таа има сосема поинакво значење отколку ако е наметната без нивно учество и без нивен глас. Историски гледано, женските одделни простори постоеле во различни форми – од здравствени услуги до спортски и рекреативни активности. Тие не секогаш биле знак на исклучување, туку понекогаш претставувале адаптација кон реални општествени потреби и ограничувања.

Кај нас, ова прашање станува сè поизразено во контекст на зголемената културна разновидност и различните општествени потреби. Затоа мислам дека дискусијата не треба да се води во крајности – ниту со апсолутно отфрлање на ваквите мерки, ниту со нивно автоматско оправдување. Наместо тоа, треба да разговараме за нивната цел, за нивниот ефект и, најважно, за тоа дали навистина ги слушаме жените во чие име ги носиме овие политики. Во таа смисла, термините за пливање само за жени не се само прашање на организација на пристапот до базен. Тие се рефлексија на едно многу пошироко прашање: како едно општество ја разбира еднаквоста и различноста, дали како формална примена на правилата или како реална можност за учество во практиката.

(Авторката е експертка по спортска дипломатија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот