Фото: Слободен печат

ЦУК: Невремето предизвика поплави, паднати дрвја, штети и отежнат сообраќај

Невремето проследено со обилни врнежи од дожд што вчера зафати повеќе делови од државата предизвика поплави, паднати дрвја, оштетувања на инфраструктурата и отежнат сообраќај, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК велат дека преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале бројни пријави од граѓани за поплави и разни штети, по што надлежните институции излегле на терен за санирање на состојбата.

Во попладневните часови во Скопје, меѓу другото, поплавени беа два подвозника, со заглавени возила пред кружниот тек во Бутел и на булеварот „Србија“ во Општина Кисела Вода. Поплавени беа и три кружни текови – кај Ист Гејт, кај Мото Центар и Цементара и кај Железара, како и улицата „Јордан Мијалков“ зад Дајмонд мол и повеќе други улици.

ВИДЕО+ФОТО | Невреме во Скопје, улиците поплавени, сообраќајот во хаос

Биле пријавени поплавени куќи, подрумски простории и гаражи во населбите Кисела Вода, Автокоманда и Чаир, како и поплавени магацини во Чаир и Кисела Вода. Вода навлегла и во подрумските и гаражните простории на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), како и во главниот хол и амфитеатарот.

ВИДЕО | По душекот пристигна и скокач – момче висеше на конструкцијата на мостот и скокна во водата

ЦУК информира дека е пријавен полн канал со вода во Горно Лисиче, кој претставуваше опасност од прелевање, како и зголемено ниво на реката Серава во Општина Бутел. Поради поплавените улици, кружни текови и подвозници,сообраќајот во делови од градот беше значително отежнат, а постојано пристигнуваа и пријави за поплавени домови.

Во Куманово беа пријавени поплавени подрумски простории на повеќе улици, навлегување вода во деловни објекти и поплавување на повеќе локации во градот. На локациите каде што дошло до излевање на фекална канализација, синоќа ЈП „Чистота и зеленило“ најави дека ќе ги мие и дезинфицира улиците.

ФОТО | Куманово под вода по поројниот дожд, екипите на терен ги чистат улиците

Во Струмица се регистрирани паднато дрво, паднато електрично броило, паднати жици и бандери, додека во Радовиш е пријавено паднато дрво врз автомобил и поплавување на три улици.

Хаос по невремето во Струмичко – гореше на неколку локации, посевите оштетени

Во Велес, ЈКП „Дервен“ интервенирало за отстранување паднато дрво, а ЈП „Македонија пат“ имало повеќе интервенции на автопатот Скопје – Градско и на локалниот пат Велес – Градско поради паднати дрвја и одрон. Интервенција за отстранување паднато дрво е реализирана и на патот Кавадарци – Витачево, додека во Свети Николе е испумпувана атмосферска вода од простории во селото Ерџелија.

Во Полошкиот регион, поради обилните врнежи и недоволниот капацитет на каналскиот систем, поплавен е дел од селото Нераште во Општина Теарце. Поплавени се неколку куќи и подрумски простории, при што е причинета материјална штета.

УХМР: Во Црешево измерени 74 литри на метар квадратен

Изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во одредени делови на Скопје – во Црешево се измерени 74 литри на метар квадратен, во Лисиче 63, додека во Гази Баба 44 литри на единица површина, информираше Управата за хидрометеоролошки работи.

До 08 часот утрово се измерени и 32 литра на метар квадратен во Куманово, 29 во Крива Паланка, 22 во Берово, 18 во Струмица и Скопје – Зајчев Рид, 16 на Попова Шапка, 13 во Скопје – Карпош, 12 во Претор, 11 во Скопје – Ѓорче Петров и Демир Капија, 10 во Гевгелија, 9 во Кавадарци, 8 во Велес, 7 во Скопје – Петровец, 5 во Тетово, 3 во Виница, Маврови Анови и Ѓуриште.

УХМР нагласува дека овие вредности за количината на врнежи се измерени на дождомерните места на Управата, како и дека поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот