Љубовната приказна на Марија Андоновска и Кристијан Дисингер: За свадбата во Тоскана чекавме три години, но додека го игравме првиот танц, си рековме: „Вредеше“
„Идејата за свадбена прослава во Италија беше првенствено моја, но Кристијан ја прифати без двоумење. Околу еден месец откако ме побара за жена во 2022 година, сосема случајно на Инстаграм ми се појави Вила Катињано и веднаш знаев дека нашата свадба ќе биде таму.“
Три години чекање, девет месеци интензивна организација, безброј состаноци и една случајна фотографија на Инстаграм беа почетокот на свадбената приказна од соништата на Марија Андоновска од Струмица. Заедно со сопругот, германскиот ракометар Кристијан Дисингер, кој играше за Вардар, тие ја организираа свадбената прослава во магичната Вила Катињано во Тоскана – место што го резервирале три години однапред, бидејќи порано немало слободен термин.
Препорачано
Архитект по професија и перфекционист по природа, Марија сама ги осмислила и ги дизајнирала речиси сите детали – од поканите и веб-страницата за свадбата до брендирањето на пијалаците и подароците за гостите. Во разговор за „Слободен печат“ таа открива како изгледа организацијата на тридневна свадба од соништата, како започнала нејзината љубовна приказна со Кристијан додека тој играше за Вардар, зошто вели дека денес е „прав Македонец“ и кој момент од венчавката ќе го памети цел живот.

Неодамнешната свадба во Тоскана веројатно е една од најубавите љубовни приказни што ги проследивме ова лето. Зошто ја избравте токму Италија и зошто одлучивте да направите свадбена прослава три години по склучувањето на граѓанскиот брак?
– Идејата за свадбена прослава во Италија беше првенствено моја, но Кристијан ја прифати без двоумење. Околу еден месец откако ме побара за жена во 2022 година, сосема случајно на Инстаграм ми се појави Вила Катињано и веднаш знаев дека нашата свадба ќе биде таму. Му ја покажав на Кристијан и двајцата бевме воодушевени од целиот концепт.
По само неколку дена решивме дека ќе резервираме, но не бевме свесни дека првиот слободен термин е дури во 2026 година. Во текот на целата 2022 година бевме на листа на чекање, во случај некој да откаже и да можеме да организираме прослава порано. Но, сосема очекувано, никој не откажа, па во јануари 2023 година го резервиравме терминот од 15 до 18 јуни 2026 година. Поради долгиот период на чекање одлучивме да се регистрираме во Македонија во 2023 и да ја чекаме 2026 за прославата.

Свадбата траеше три дена и изгледаше како вистинска бајка. Како би ги опишала тие денови од твоја перспектива?
– За нас сето тоа беше магично. Кога го игравме првиот танц, само си рековме: „Вредеше чекањето“. Кога чекате толку долго и вложувате многу во организацијата, едноставно сакате датумот конечно да дојде и сè да започне. А кога ќе видите дека гостите се среќни, задоволни и ја споделуваат вашата радост, чувството е уште поубаво. Местото каде што ја организиравме свадбата Вила Катињано е приказна сама по себе. Сè што замисливме ни се оствари и навистина сме презадоволни од тоа како помина сè.
Кој миг од прославата ќе го паметиш засекогаш, токму она што не може целосно да се долови ниту со фотографија ниту со видео?
– Среќата што ја чувствувавме ние и радоста на сите наши гости кои дојдоа од повеќе земји за да ја прослават нашата љубов, е нешто што засекогаш ќе го паметам. Самото тоа што сите наши најблиски се собраа во друга држава, се организираа околу работа, обврски, деца и патување, за четири дена да стават сè на пауза и да бидат со нас, претставува огромна чест што ни ја укажаа. Тоа за нас беше неизмерна среќа.

Твоите невестински изданија привлекоа големо внимание. Како го избра главниот фустан, кој го дизајнираше и што ти беше најважно при изборот?
– Ви благодарам. Искрено, никогаш не сум била девојка што уште од мала замислувала каква ќе биде нејзината венчаница. Имав цели три години да барам венчаница, а сепак ја купив само два и пол месеци пред свадбата, додека ми пристигна само 10 дена пред прославата. Знаев од кој бренд би сакала да биде, но не се преоптоварував. Венчаницата е од „Мила нова“. Најважно ми беше да се чувствувам убаво и да бидам своја. Исто така, сакав венчаницата да се вклопи во целата приказна што ја имав замислено. На крајот, мислам дека не можев да изберам подобра венчаница.
Искрено, колку е предизвик да се организира ваква свадба? Те фаќаше ли онаа невестинска трема и нервоза сè да помине совршено?
– Предизвикот е огромен, иако на почетокот не мислевме дека ќе биде толку голем. Организацијата на ваква свадба е, како што јас велам, работа со полно работно време. На почетокот мислевме дека ќе ангажираме тим организатори на свадби и тие ќе организираат сè. И навистина, тие многу помагаат, но има работи што едноставно мора сам да ги направиш, особено ако си невеста со мојот карактер. Тимот беше достапен 24/7, ни помагаше околу секој аспект од организацијата – од понуди за избор на фотографии, видеографи, кетеринг, осветлување и декорации, па сè до најситните детали како избор на маси, столови, прибор за јадење или облека за персоналот. Имавме безброј состаноци на зум, и тоа за сите денови од прославата посебно. Кај нас целиот процес траеше девет месеци и практично секој ден бевме посветени на организацијата.
Секако, како и кај секоја невеста, постоеше стрес сè да помине совршено. Најважно ми беше сите гости безбедно да пристигнат и потоа среќни и здрави да се вратат дома. Бев убедена дека сè ќе биде како што сме замислувале и навистина 98 отсто беше токму така. Имаше една-две работи што ги заборавивме, но верувам дека колку и да планираш, совршенство не постои. Дел од убавината е токму во несовршеноста.

Да се вратиме на почетокот на вашата приказна. Во периодот кога Кристијан играше за Вардар и живееше во Македонија, како започна вашата љубов?
– Нашата љубов започна многу спонтано и непланирано. Кристијан играше за Вардар заедно со Игор Карачиќ, а Игор е тој што нѐ запозна. Неколку месеци бевме само пријатели, а потоа започнавме врска. Набрзо се преселивме да живееме заедно и еве нè денес – седум и пол години заедно и три години во брак.
Што најмногу те освои кај Кристијан и како изгледа животот со професионален ракометар?
– Кристијан е човек на кого добрината му се гледа во очите. Не затоа што ми е сопруг, па го фалам, туку навистина е сè што некогаш сум барала кај еден маж. Секако, на почетокот најпрво ме привлече неговиот физички изглед, но јас секогаш велам дека човек треба да остане убав и кога ќе проговори. За мене, Кристијан е најдобриот и најубавиот човек што го познавам. Баба ми секогаш велеше „најбитна одлука во животот е кога бираш сопруг и професија“, имав среќа да не погрешам ни со едното ни со другото.
Животот со професионален спортист, како и секоја друга професија, има свои предности и предизвици. Не е секогаш едноставно кога живееш далеку од семејството и блиските пријатели, кога немаш едно постојано место на живеење, сѐ што имаш ти е распределено во три држави и не е едноставно кога честопати се селиш. Но, со текот на времето се навикнуваш. Не би рекла дека е тежок живот воопшто, далеку е од тежок живот, но знае да биде напорен и во одредени ситуации неизвесен.

Дали Кристијан прифати некој македонски обичај или навика што особено му се допаднала? И колку денес зборува македонски?
– Кристијан се претвори во прав Македонец. Течно зборува македонски јазик, а благодарение на мајка ми го научи и струмичкиот дијалект. Кој и да го праша, кажува дека зборува и македонски и струмички. Ја обожава Македонија. Секогаш кога доаѓаме, особено во летниот период, одново е воодушевен од топлината, гостопримливоста и добрината на луѓето. А што се однесува до навиките – да, почна да вози автомобил како Македонец.
Со сестра ти, близначка, Душица, иако живеете во различни земји, сте многу поврзани. Колку ти недостасува кога не сте заедно, колку често успевате да се гледате и дали наоѓаш време да ја посетиш и третата сестра, Олга?
– Со Душица, иако живееме во различни земји, практично сме заедно на телефон од моментот кога ќе станеме и иако секоја си ги извршува своите обврски, камерата останува вклучена поголемиот дел од денот. Заедно работиме и на проекти така што и кога сме слободни и кога работиме, пак сме на камера. Не се гледаме толку често колку што би сакале, но секогаш кога имаме можност сме заедно. Олга живее во Скопје и со неа се гледаме малку поретко. Имаме две внуки, Маша и Ира, кои не ги гледаме онолку често колку што би сакале, но за среќа, во денешно време, благодарение на Ватсап, многу е полесно да бидеш присутен и кога не си физички таму.

По професија си архитект. Дали токму таа професија придонесе да обрнеш внимание на секој детаљ при организацијата на свадбата и од каде потекнува твојата љубов кон архитектурата?
– Искрено, да. Иако имав тим организатори на свадбата, сите детали сакав сама да ги осмислам, дизајнирам и реализирам. Мојата главна планерка Надја, постојано ми велеше да ѝ препуштам дел од работите, бидејќи тоа е нејзина работа, но јас сум малку „control freak“ кога станува збор за вакви работи. Сите детали почнувајќи од веб-страницата за свадбата, дизајнот на поканите, подароците за гостите, па сè до брендирање на пијалаци, цигар барот, и сѐ останато, целиот печатен материјал ги дизајнирав сама. Мојата планерка често велеше дека тоа е професионална деформација и дека едноставно сакам сè да биде под моја контрола. Искрено, мене ми беше полесно затоа што програмите со кои работам секојдневно како архитект, ги користев и за свадбата. А и кога нешто можам сама да завршам, зошто би му го оставила на некој друг.
Љубовта кон архитектурата постои отсекогаш. Уште како деца, мене и на Душица најинтересно ни беше да се шетаме и да гледаме како луѓето си ги уредиле домовите. Затоа, кога дојде време да избереме што ќе студираме, воопшто не ни беше тешко да се одлучиме за архитектура. Професијата, како и секоја друга, е предизвикувачка, особено во првите две до три години по дипломирањето, кога од дипломиран студент треба постепено да се изградиш во вистински архитект. Факултетот е само подготовка за она што допрва следува кога ќе почнеш да работиш. Потребно е многу труд, време и желба за учење, многу непроспиени ноќи пред компјутер и дисциплина во работата, но доколку го сакаш тоа што го работиш, секој напорен период ќе те однесе до некое ново искуство што ќе ти служи за напредок не само во работата, туку и во животот.

Интервју со актерот Петар Стојанов: Еден поглед од Емра беше доволен, сè друго е историја


