Драган Б. Костиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕО | Вака се одјави легендарниот Драган Б.Костиќ по повеќе од 4.000 емисии „Заборави ако можеш“

На вчерашен ден во 2014 година беше емитувана последната емисија (4.661-та по ред) од култниот радио серијал „Заборави ако можеш“ на легендарниот Драган Б. Костиќ.

Ова потсетување е споделено на социјалните мрежи на фејсбук-страницта „Диско селектор“, за еден од највпечатливите и најпрепознатливите гласови кои некогаш се појавиле во македонскиот радиоетер.

Легендарниот радиоводител, диџеј и музички уредник почина по кратко боледување во декември лани, оставајќи зад себе огромна празнина во македонското радионовинарство, поп-култура и урбаното живеење.

Драган Б. Костиќ беше синоним за радио, жива музичка енциклопедија и човек кој со децении ги едуцираше генерациите за тоа што значи добра музика. Со својот специфичен глас, и неверојатно познавање на светската и домашната сцена, тој постави стандарди во професијата кои тешко ќе бидат достигнати.

Култниот проект „Заборави ако можеш“ имаше над четири илјади епизоди, и евистински рекордер во етерот. Оваа емисија беше ризница на приказни, анегдоти и ретки музички парчиња кои Драган со огромна љубов им ги презентираше на слушателите.

Проектот „Диско Селектор“ беше неговиот втор дом, преку кој ја покажа својата страст кон диско, поп и рок-музиката, правејќи го еден од пионерите на клупската и радиската диџеј култура кај нас.

Костиќ не беше само обичен водител, тој беше истражувач. За секоја песна или изведувач знаеше детали што ретко кој друг можеше да ги открие во ерата пред интернетот.

Негова голема љубов беше радиоемисијата „Кавервил“, проект кој во целост беше посветен на феноменот на музичките преработки (кавери). Преку ова едночасовно популарно шоу, Костиќ на фасцинантен начин им откриваше на слушателите како безвременските класици добиваат нов живот низ различни аранжмани и жанрови. Емисијата се емитуваше преку развиена мрежа на партнерски радиостаници низ цела Македонија, обединувајќи го аудиториумот под мотото „да го вратиме радиото во секој дом“.

Во 2018 година, Драган Б. Костиќ својот препознатлив радиски израз и аналитички пристап успешно ги пренесе и на телевизиските екрани. Емисијата „Б со точка“ се емитуваше две сезони на Телевизија 24, со интересни гости и оригинални приказни и прашања.

Со неговата смрт заврши една златна ера на македонското радио – времето кога гласот зад микрофонот беше вистински пријател на слушателот, а музиката се бираше со душа, вкус и знаење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот