Русија нема доволно бензин, Индија испраќа танкери со гориво
Русија почна да увезува бензин од Индија по морски пат, во обид да ги ублажи недостигот на гориво и проблемите предизвикани од украинските напади врз нејзината енергетска инфраструктура, објави Ројтерс.
Препорачано
Според извори од индустријата, од Индија кон Русија веќе биле испратени најмалку 60.000 метрички тони бензин. Друг извор навел дека се испратени два танкери, секој со пратка од 30-40.000 тони.
Недостигот на гориво се чувствува низ Русија, а во делови од земјата има ограничување на потрошувачката, редици на бензинските пумпи и силен раст на цените на бензинот.
Кремљ соопшти дека Русија е во контакт со други земји и дека разговара за увоз на гориво по прифатливи цени. Руското Министерство за енергетика и индиското Министерство за нафта не одговориле веднаш на барањата за коментар.
Според еден од изворите, Русија планира месечно да увезува вкупно 400.000 тони бензин од различни земји, меѓу кои и од соседна Белорусија, која веќе извезува гориво во Русија.
Во летниот период, кога побарувачката е најголема, Русија троши најмалку 110.000 тони бензин дневно.
Рускиот претседател Владимир Путин на состанок со министри и други функционери призна дека украинските напади со дронови врз нафтените рафинерии предизвикале недостиг на гориво во некои региони, но рече дека Русија се справува со проблемот.
Белорусија во првата половина од јуни речиси тројно ги зголемила железничките испораки на бензин кон Русија во споредба со првата половина од мај, на повеќе од 70.000 тони.
Рускиот парламент минатата недела одобри измени на даночниот закон, со цел справување со недостигот на гориво. Измените предвидуваат и субвенции за увоз на гориво, поврзани со цените и трошоците за испорака од Индија.
Во исто време, индискиот увоз на сурова нафта од Русија во јуни достигнал рекордно ниво. Според податоците за следење на бродови, руската нафта сочинувала повеќе од половина од вкупниот индиски увоз во јуни, што е раст во однос на 36,5 проценти во мај.
Индија, која е трет најголем увозник на нафта во светот, во јуни примала околу два милиони и седумстотини илјади барели руска нафта дневно.


