Доналд Трамп / Фото: Фејсбук

Трамп: Разговорите во Доха се многу добри, Иран не смее да има нуклеарно оружје

Индиректните преговори на американските и иранските претставници во Доха, со посредство на Катар и Пакистан, напредуваат и „се многу добри“, изјави денеска претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, повторувајќи дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје, објави Ројтерс.

„Што се однесува до текот на работите, процесот на денуклеаризација на Иран оди добро. Имаа многу добри состаноци и ќе видиме како ќе се развива“, им рече Трамп на новинарите во воената база Ендруз, пренесе Ројтерс.

Тој наведе дека Соединетите Американски Држави „извршиле силни удари врз Иран“, но дека истовремено односите меѓу двете страни се развиваат во позитивна насока.

Трамп истакна дека техничките разговори се организирани така што американските и иранските претставници не се среќаваат директно, туку посредниците ги пренесуваат ставовите меѓу страните, во согласност со меморандумот за разбирање што го потпишале двете земји.

Како што е наведено, целта на разговорите е намалување на тензиите по неодамнешните судири.

Пред качувањето во претседателскиот авион, кој Соединетите Американски Држави претходно го добија како подарок од Катар, Трамп оцени дека Иран „поминал долг пат“ и додаде дека смета оти ситуацијата во моментов е стабилна.

Говорејќи за економските прашања, Трамп, пренесува Асошиејтед прес, наведе дека личните инвестиции не се под негова директна контрола, туку дека со нив управуваат финансиски фондови, со напомена дека „заработил многу пари пред да стане претседател“.

Тој додаде дека растот на финансиските пазари и цените на акциите придонесува за вкупниот економски раст и му користи на целото општество.

Трамп, исто така, потврди дека првиот лет на новиот претседателски авион, што Катар им го донираше на Соединетите Американски Држави, ќе се одржи денеска, оценувајќи го леталото како „еден од најдобрите авиони некогаш направени“.

Како што појаснува Ен-би-си њуз, американскиот претседател со авионот „боинг 747“ ќе отпатува во американската сојузна држава Северна Дакота, каде што ќе учествува на настани по повод 250-годишнината на Соединетите Американски Држави, додека за петок е планирано и заминување во сојузната држава Јужна Дакота, на одбележувањето на Денот на независноста кај планината Рашмор.

Како што потсетува Ен-би-си, леталото беше претставено минатиот месец и е дизајнирано во црвено-бело-сина комбинација, а дел од политичката јавност во Соединетите Американски Држави изрази критики поради прифаќањето на авионот од Катар, со оценки за можни етички и безбедносни прашања, пренесува Танјуг.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска му се заблагодари на емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ел Тани, за претседателскиот авион што таа земја им го донираше на Соединетите Американски Држави, истакнувајќи дека станува збор за летало без конкуренција.

Трамп потсети дека досегашниот претседателски авион „Ер форс уан“ бил стар 35 години и наведе дека катарскиот емир понудил да донира ново летало.

„Емирот Тамим, голем џентлмен, рече: ‘Не, не, би сакал да дадам придонес за вашата земја’“, им рече Трамп на новинарите.

Тој додаде дека авионот за околу пет месеци ќе биде приспособен на претседателските безбедносни стандарди.

„Ќе бидете воодушевени. Не постои ништо слично“, рече Трамп, пренесува Асошиејтед прес.

Американскиот претседател наведе дека од компанијата Боинг, која новите претседателски авиони треба да ги испорача во 2028 година, побарал да препорача привремено решение.

„Прашавав кој го има најдобриот авион. Ми рекоа – Катар. Никогаш не постоел авион како тој. Искрено, ние не би можеле да направиме такво летало бидејќи не би биле подготвени да издвоиме толку пари. Тие ја платија највисоката цена“, рече Трамп.

Тој додаде дека за време на посетата на Катар првично побарал да го користи авионот одредено време, но дека емирот одлучил да им го подари на Соединетите Американски Држави.

Трамп оцени дека станува збор за „подарок од земја која кон Соединетите Американски Држави се однесувала многу пријателски“ и повтори дека новиот авион е единствен според своите карактеристики.

Семејството Трамп заработило 2,3 милијарди долари од криптовалути, инвеститорите изгубиле сè

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот