Жешко време, фото: EPA-EFE/NARONG SANGNAK

Над 1.000 смртни случаи во Шпанија по рекордниот јунски топлотен бран

Во Шпанија во јуни се регистрирани повеќе од 1.000 смртни случаи поврзани со високите температури, со што од 2015 година, откако се води евиденција, е јуни со најмногу смртни случаи, според податоците за смртност објавени денес, јавува Ројтерс.

Системот за дневно следење на смртноста на Министерството за здравство регистрирал 1.028 смртни случаи поврзани со високите температури во јуни, со што е надминат претходниот рекорд од 1.000 смртни случаи во 2017 година.

Податоците се базираат врз процени за прекумерна смртност, кои ги споредуваат очекуваните и реалните смртни случаи за време на екстремни горештини, а не преку директна медицинска потврда дека жештините се причина за смртта.

Речиси сите жртви се постари лица. Од вкупниот број, 1.022 биле лица на возраст над 65 години, од кои 720 над 85 години.

Регистриран е еден смртен случај на лице помладо од 15 години.

Топлотниот бран носи температури над 40 степени, метеоролозите прогнозираат до кога ќе трае

Најголем број случаи се забележани во медитеранските и северните региони на земјата, каде што населението е помалку навикнато на долготрајни екстремни горештини. Во Каталонија има 218 смртни случаи, а во Баскија 147.

Зголемувањето на смртноста започна околу 21 јуни, со почетокот на рекордниот топлотен бран, а остана висока до крајот на месецот.

Овој јуни е втор најтопол јуни во Шпанија од 1961 година, според метеоролошката агенција AEMET, со просечни температури 3,2 степени над просекот за периодот 1991–2020 година.

И покрај рекордните горештини во јуни, месеци со најголема смртност предизвикана од топлотен бран и понатаму се јули 2022 и август 2023.

Метеоролозите предупредуваат дека наредните денови Шпанија може повторно да ја зафати нов топлотен бран.

Топлотниот бран руши рекорди во Источна Европа – Украина воведува рестрикции во користењето на електрична енергија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот