Семејна трагедија во Грција: татко и син загинаа во шумски пожар, мајката заврши во болница
Трагедија ја потресе Северна Грција откако шумски пожар се прошири во близина на Солун и однесе два живота — татко и син, додека мајката со повреди е итно пренесена во болница, пренесува Катимерини.
Препорачано
Според властите во Грција, загинат е 66-годишен маж, а во семејната куќа подоцна било пронајдено уште едно тело, за кое се верува дека е неговиот 12-годишен син.
Пожарот избувнал вчера околу пладне во ниска вегетација кај Дервени, во општината Ореокастро, северозападно од Солун. Пламенот брзо се проширил кон селото Лити и блиската борова шума, додека силниот ветер дополнително ја отежнал борбата на пожарникарите. Поради опасноста, веднаш била активирана линијата за итни случаи 112.
Грчките служби издале наредба за итна евакуација на селото Лити, кое брои околу 4.000 жители, а населението било префрлено на безбедно, кон локалниот спортски терен.
Пожарникарите најпрво го пронашле 66-годишниот маж во дворот на неговата куќа, која се наоѓала на работ од шумскиот предел во близина на Лити. Неговата сопруга, мајка на исчезнатото дете, била повредена и пренесена во болница во Солун со повреди главно на рацете и не е во животна опасност.
Подоцна властите го пронашле и второто тело во семејниот дом.


