Влезот на Црна Гора во ЕУ ќе чини 3 милијарди евра
Влезот на Црна Гора во Европската Унија ќе чини три милијарди евра во текот на следниот буџетски период на блокот, објави денеска Европската комисија. Се очекува Црна Гора, која треба да стане членка во 2028 година, по пристапувањето да биде финансирана од земјоделски стимулации и регионални плаќања од централниот буџет на ЕУ, пишува „Политико“.
Препорачано
Висок функционер на Европската комисија, кој зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи не е овластен да дава јавни изјави, рече дека тоа ќе го чини секој даночен обврзник на ЕУ приближно едно евро повеќе во текот на буџетскиот циклус 2028-2034 година.
„Тоа е многу евтина шолја кафе“, додаде тој. Следниот буџет на ЕУ, вреден два трилиони евра, кој стапува на сила на почетокот на 2028 година, ќе мора да се прилагоди за да ги покрие трошоците за пристапување на новите членки.
Денеска, Комисијата го објави својот финансиски предлог за пристапување на Црна Гора, за кој сега мора да се согласат земјите-членки пред почетокот на финансиските преговори меѓу Брисел и Подгорица.
„Денешниот пакет е уште еден конкретен чекор кон иднината на Црна Гора во нашата Унија. Ги подготвуваме Црна Гора, земјите-членки и нашите институции“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Црна Гора, земја со 600.000 жители, доби статус на кандидат за членство во ЕУ во 2010 година. Иако се очекува да стане следната членка на Унијата до 2028 година, официјалните лица забележуваат дека шансите за пристапување веќе на 1 јануари истата година се мали.
Се проценува дека придонесот на Црна Гора во буџетот на ЕУ во следните седум години ќе изнесува 500 милиони евра. Во исто време, Комисијата предвидува дека Црна Гора ќе добие вкупно 3,1 милијарди евра од буџетот. Од таа сума, 277 милиони евра се наменети за земјоделски стимулации, повеќе од 1 милијарда евра за регионални плаќања и рурален развој, а 592 милиони евра од фондовите за миграција.
Домашните компании би можеле да сметаат и на 523 милиони евра од новиот Европски фонд за конкурентност, но Комисијата истакнува дека точниот износ е тешко да се предвиди бидејќи средствата ќе бидат распределени врз основа на тендери, а не според национални квоти.
Европската комисија проценува дека вкупните нето трошоци за пристапување – разликата помеѓу придонесите и средствата што ќе ги добијат – за сите балкански земји-кандидати ќе изнесуваат осум милијарди евра во текот на следните седум години.


