Советниците се скараа за вработувања во училишта во Центар – расправии, високи тонови и обвинувања за партиски интереси
Проблемите на седницата на Советот настанаа бидејќи советниците од ВМРО- ДПМНЕ гласаа против, што за советниците од СДСМ беше срамно и диригирано од партиски штабови
Предлог одлуките за давање согласност за годишните планови за вработување во основните училишта во општина Центар, предизвикаа бурни дискусии и гласни расправии на денешната седница на Советот. Советниците од СДСМ и градоначалникот Горан Герасимовски, од една страна, и и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од друга, се обвинуваа меѓусебно за тоа кој се грижи за интересите на децата, а кој само за партиски интереси.
Препорачано
Недоразбирањата започнаа откако помина гласањето за пет училишта, кога мнозинството советници ги усвоија одлуките, но советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против или воздржано.
За советниците од СДСМ ваквото изјаснување беше неприфатливо, затоа што како што рекоа, станува збор за одлуки со кои се одобрува вработување на технички персонал, којшто е неопходен во училиштата. И од општинската администрација беше посочено дека училиштата се соочуваат со сериозен недостиг од технички персонал, хигиеничари и дефектолози, што директно влијае врз условите за работа и квалитетот на воспитно-образовниот процес.
Како што беше нагласено, станува збор за реална потреба на училиштата, а не за политичко прашање, при што беше упатен повик сите советници заеднички да најдат решение, наместо оваа тема да се користи за дневно-политички и популистички цели, бидејќи последиците од недостигот на кадар најмногу ги чувствуваат учениците.
Сакам јавноста да види какви основни технички точки не гласа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам најпријателски да им кажам дека на овој начин не се блокира работа на Совет, поготово за најмалите во општината. Ние можеме да не се согласуваме за многу други работи, за сѐ да спориме и за ДУП-ови и за сѐ, меѓутоа за основни технички прашања, колеги стварно е срамота! Мислам дека и вам ви е срам, но треба таму во партиски штаб, кога ви кажуваат, да им објасните дека ова се технички прашања – истакна советникот Ненад Матевски од СДСМ.
Со оглед на фактот дека точките од дневниот ред поминуваа само со гласање без никаква дискусија и образложение, беше побарано од советниците на ВМРО-ДПМНЕ да ги кажат причините зошто не гласаат.
Поради агендата и обврските, нема фиксни термини за средба со Герасимовски
Според градоначалникот Герасимовски кога се гласа за или против треба да има причина иц оветниците на ВМРО-ДПМНЕ треба да кажат зошто се против подобри услови на децата во училиштата.
Мене ми е криво она што го гледам во изминатите неколку недели. Јас разбирам дека сите сме дојдени од одредена политичка партија, но изминатите 4 години овде работевме како едно. Јас ќе направам сѐ и во наредните три години да работиме како едно во интерес на граѓаните, но ова што го гледаме во изминатите недели, советничката група на ВМРО со одредени напади, пресови и слично, работи само за партиски штапски интереси на еден или двајца луѓе. Ама граѓаните гледаат кој работи во нивни интерес, а кој во интерес на политичката партија. Четири години овде поминуваа сите одлуки, со скоро сите гласови, кога се работело во интерес на сите жители на Центар – рече Герасимовски.
На говорот на градоначалникот реплицираше советникот Горан Николов од ВМРО-ДПМНЕ, кој истакна дека како советничка група јасно кажале дека ќе ги „чешлаат“ сите одлуки и секој потрошен денар во овој мандат.
Ние како советничка група работиме строго за децата. Да, се согласуваме дека фали технички персонал, моите деца исто учат во тие училишта. Технички персонал треба, меѓутоа зад превезот на технички персонал, зад превезот на најдобри професори знаеме што се крие, знаеме какви партиски агенди се кријат, затоа што секој проблем што настанува во училиштето се заташкува од технички персонал, до општината овде, затоа што нивните партиски послушници се наредени од најниско до највисоко ниво – рече Николов.
Според него, она што Герасимовски го нарекува успешно работење е – онде зграда, секаде валкано, ни еден парк на општината не е уреден и дека ништо не е средено.
Не може да кажувате ние успешно сме работеле, не, вие сте навикнале некој да ви ја аминува секоја ваша одлука, цело време да ви крева рака. Овде нема да има кревање рака по дифолт, секоја одлука ќе ја чешламе, а за добро решение ќе гласаме- нагласи советникот со висок тон.
Ученици до 10-годишна возраст од Центар летово ќе бидат згрижени во неколку градинки
Ова негово обраќање видно го изнервира Герасимовски, кој вообичаено е смирен, па му се обрати на советникот, вмешувајќи ја во кавгата и министерката за образование Весна Јаневска.
Знаете кој вика, тој што не знае што да каже и мисли некој му се плаши. Второ, зборувате за училишта, а министерката за образование ви е од семејството. Зошто две години немаме подобро образование? Трето, ќе ви купиме чешел, па потоа чешлајте ги сите работи. Не чешлаат инспекции во изминатите години за сѐ, ако имало неправилности досега ќе сме излезеле секаде. Граѓаните пред осум месеци повторно ни ја вратија довербата, вие ќе седите уште 20 години од другата страна, зашто граѓаните не забораваат – рече Герасимовски.
„Зовриената“ атмосфера се обидоа да ја смират неколкумина од советниците посочувајќи дека не треба да се спушта нивото на дискусија и дека тоа не им доликува ниту на советниците, ниту на градоначалникот.
И покрај расправиите одлуките за вработување во училиштата беа усвоени затоа што мнозинството гласаше „за“, а на резултатот не можеше да влијае негласањето на шесте советници на ВМРО-ДПМНЕ.


