Невреме Кина / Фото EPA-EFE/JEROME FAVRE

Кина се челичи за климатските шокови — Америка замижува пред проблемот

Земја што навреме вложува во заштита на инфраструктурата, предупредувачки системи, урбано планирање, водни ресурси и отпорни енергетски мрежи ќе има предност пред ривалот кој реагира хаотично и без долгорочна стратегија во контекст на екстремните климатски услови. Во овој поглед, Кина моментално изгледа многу поорганизирано од САД.

Климатските промени сè повеќе стануваат пресуден фактор во натпреварот меѓу САД и Кина. Иако геополитичкото ривалство најчесто се гледа низ призмата на технологијата, воената моќ, трговијата и дипломатскотп влијание, екстремните временски услови може да бидат пресуден фактор за тоа која од двете сили ќе биде подобро спремна за иднината бидејќи и двете земји се најголеми светски емитери на јаглерод диоксид, но истовремено и економии силно изложени на последиците од климатската криза.

Екстремните временски услови можат директно да ги погодат темелите на економската и на технолошката моќ. Поплави, пожари, суши, урагани и топлотни бранови можат да оштетат електроенергетски мрежи, водоводни системи, патишта, пристаништа, железници и синџири на снабдување.

Таквите шокови се и удар на економијата бидејќи уништуваат домови и бизниси, го намалуваат производството, ги поскапуваат осигурувањата, ја намалуваат работната продуктивност и ги принудуваат владите да трошат огромни средства за санација. Токму затоа способноста за приспособување кон климатските промени станува дел од националната моќ.

Земја што навреме вложува во заштита на инфраструктурата, предупредувачки системи, урбано планирање, водни ресурси и отпорни енергетски мрежи ќе има предност пред ривалот кој реагира хаотично и без долгорочна стратегија. Во овој поглед, Кина моментално изгледа многу поорганизирано од САД, анализира „Форајн аферс“.

„Сунѓер-градови“

Пекинг повеќе од една деценија го вградува климатското приспособување во државното планирање. Првата национална стратегија за адаптација ја објави уште во 2013 година, а оттогаш постепено гради системи за климатско следење, рано предупредување, заштита од катастрофи, отпорна инфраструктура, поиздржливо земјоделство и урбано планирање.
Речиси сите кинески провинции имаат свои планови за адаптација, а најмалку 17 централни институции се вклучени во процесот. Кина сака до 2035 година да стане „климатски адаптивно општество“.

Овие политики не остануваат само на хартија. Кина инвестира големи суми во т.н. „сунѓер-градови“, односно урбани решенија што им помагаат на градовите да апсорбираат повеќе дождовница преку пропустливи површини, зелени покриви, мочуришта, паркови и подобри одводни системи.

Од 2015 година се спроведени десетици пилот-проекти, а вложувањата достигнуваат десетици милијарди долари. Дополнително, земјата тестира отпорни електроенергетски мрежи, крајбрежни заштитни екосистеми, „ладни градови“ за борба против жештините и нови земјоделски практики за суша и променети врнежи.

Пекинг вложува тешки пари во инфраструктурата

Особено важни се вложувањата во инфраструктура. Кинеската државна електроенергетска компанија планира стотици милијарди долари за модернизација на мрежата, подобро управување со снабдувањето и побезбедно функционирање при екстремни временски услови. Истовремено, Кина вложува рекордни средства во резервоари, наводнување, контрола на поплави и пренасочување вода од влажниот југ кон посувиот север, каде што се наоѓаат важни економски центри како Пекинг и Тјенцин.

Кина користи и финансиски механизми за управување со климатски ризици како осигурување од климатски штети и од катастрофи, реосигурување и обврски за големите компании да објавуваат како климатските ризици влијаат врз нивното работење.

Пекинг воведува и нови индикатори за вреднување на екосистемите, со што природните ресурси се гледаат како економска заштита од климатски шокови.

Сепак, кинескиот модел не е совршен. Некои програми се недоволно финансирани, а локалната примена честопати е нерамномерна. Поплавата во Џенгџоу во 2021 година, во која загинаа стотици луѓе, покажа дека дел од средствата наменети за урбана отпорност биле потрошени на декоративно уредување, а не на вистинска заштита од поплави.

Но, и покрај слабостите, кинеската држава јасно го третира климатскиот ризик како прашање на управување, легитимитет и на национална безбедност.

Топлотниот бран руши рекорди во Источна Европа – Украина воведува рестрикции во користењето на електрична енергија

Вашингтон нема стабилна стратегија

САД, пак, имаат многу понеусогласен пристап. Иако американски институции со години предупредуваат дека екстремното време ќе предизвика огромни финансиски последици, Вашингтон нема стабилна национална стратегија за климатска отпорност.

Администрацијата на Џо Бајден усвои рамка за адаптација, но без доволно финансии и институционална поддршка.

Под актуелната администрација на Доналд Трамп, федералниот пристап дополнително се оддалечува од климатското планирање, со намалување на климатските програми, податоци, процени и меѓународна помош.

Некои американски градови и сојузни држави преземаат сопствени мерки. Њујорк гради заштита од поплави и од пораст на морето, Феникс развива политики против екстремна жештина, а Мериленд овозможува заедничко финансирање на локални проекти за отпорност.
Но, локалните решенија не се доволни за проблем што ги преминува границите на градови и на држави. Без силна федерална координација, се вели во анализата на „Форајн аферс“, САД ризикуваат да останат со фрагментиран и недоволен систем.

Економските последици од екстремните климатски услови веќе се огромни. Во 2024 година, Кина претрпе околу 55 милијарди долари директни загуби од водни и од метеоролошки катастрофи, додека, пак, САД имаа 27 големи климатски катастрофи со штета поголема од една милијарда долари секоја, со вкупна цена од над 180 милијарди долари.

Осигурителниот пазар, недвижностите, земјоделството и јавните финансии сè повеќе ќе бидат под притисок поради овие климатски непогоди.

Трка во вештачката интелигенција

Климатската отпорност ќе влијае и врз трката во вештачката интелигенција. Дата-центрите бараат огромни количини електрична енергија и стабилна мрежа. Американската електрична инфраструктура старее и е ранлива на екстремно време, додека, пак, Кина веќе ја вградува климатската отпорност во планирањето на својата мрежа.

И двете земји имаат ризици бидејќи дата-центрите може да бидат погодени од поплави, пожари, бури и од пораст на морето, но Кина засега изгледа поспремна системски да реагира.

Климатската адаптација во овој контекст е нова индустриска можност. Земјата што ќе произведува технологии за отпорни електромрежи, паметно управување со вода, климатски отпорно градежништво, сателитски податоци и системи за рано предупредување ќе добие нови економски и трговски предности. Кина веќе е силна во чистите технологии, а ако САД продолжат да ја потценуваат таа адаптација, може да изгубат уште едно важно поле на глобалната конкуренција.

Климатската криза во мигов веќе не е споредна тема за најмоќните економии и е силен индкатор за тоа која држава има подобар капацитет да планира, инвестира и да ги заштити основите на својата моќ.

Ако Вашингтон не почне сериозно да вложува во адаптација, климатските катастрофи може постепено да ја поткопаат американската економска и технолошка конкурентност.

ВИДЕО | Мал авион се урна во највисоката кула во Пекинг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот