Фото: EPA/GIAN EHRENZELLER

Виткоф и Кушнер нема директно да преговараат со иранските претставници — што ќе биде во фокусот на разговорите во Катар?

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и неговиот зет Џаред Кушнер денеска треба да се сретнат со катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани и со други посредници во Доха. Разговорите за американско-иранскиот конфликт ќе бидат без директни средби со претставници од Техеран, пренесува Си-ен-ен.

Американски и ирански делегации се очекува утре одделно да учествуваат на технички разговори со посредници од Катар и од Пакистан.

Иако за преговорите стигнаа контрадикторни изјави – од една страна Техеран соопшти дека нема да има средби со САД, а Трамп на својата социјална мрежа тврдеше спротивно – сепак нејаснотиите ги расветли катарското Министерство за надворешни работи.

„Тие не се тука за директни преговори со Иранците“, рече портпаролот на министерството Маџед ал-Ансари.

Според него, Виткоф и Кушнер се тука во Доха за да се сретнат со посредниците и со катарските претставници, а разговорите ќе се однесуваат „на сите регионални прашања што предизвикуваат загриженост, вклучително и преговорите со Иран“.

Трамп: Америка и Иран ќе одржат нови преговори во Катар

Иран: Разговорите ќе бидат за договорот со САД и замрзнатите средства

Разговорите меѓу Иран и Катар во среда ќе се фокусираат на спроведувањето на договорот меѓу Техеран и САД, како и на замрзнатите ирански средства, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи.

„Она што најверојатно ќе се случи во Доха е разговор со катарската страна за спроведување на одредени одредби од меморандумот за разбирање, вклучително и одредбата што се однесува на ослободувањето на ограничените ирански средства“, рече Багаеи.

Мал напредок од потпишувањето на договорот меѓу Иран и САД

Поминаа две недели од потпишувањето на меморандум за разбирање меѓу САД и Иран, кој требаше да понуди пат кон трајно завршување на војната во регионот.

Широко се смета дека е силно наклонет кон Техеран, и тој бара САД да ги одмрзнат иранските средства, да ги укинат санкциите, да дозволат извоз на иранска нафта, да ја укинат блокадата на иранските пристаништа и да развијат фонд за обнова на Иран. За возврат, Техеран мора да гарантира безбеден премин за бродовите што минуваат низ Ормускиот Теснец и да го потврди своето ветување дека нема да развива нуклеарно оружје.

Повеќе воени активности ја дефинираа кревкоста на ова примирје. Американските и иранските сили разменија напади за време на викендот, откако Исламската Република нападна два брода што транзитирале низ теснецот.

Тоа, повторно, влијаеше на поморскиот сообраќај во овој тесен воден пат, кој значително се зголеми минатата недела, иако останува далеку под нивоата пред војната. Во меѓувреме, борбите меѓу милитантите на Хезболах и израелските сили продолжија во Јужен Либан, и покрај договорите насочени кон ограничување на насилството таму.

САД го нападна Иран — оттаму најавија дека ќе одговорат „брзо и решително“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот