Ормуски теснец, фото: EPA-EFE/MEHDI DEHDAR

САД го нападна Иран — оттаму најавија дека ќе одговорат „брзо и решително“

САД вчера извршиле напади врз цели во Иран како одговор на нападот на Техеран врз трговски бродови во Ормускиот Теснец. Овие нови случувања претставуваат закана за кревкиот прекин на огнот постигнат меѓу Вашингтон и Техеран пред неколку дена, јавува Би-би-си.

„Силите на Централната команда на САД (CENTCOM) извршија напади врз Иран на 26 јуни како силен одговор на вчерашниот напад врз трговски брод кој минувал низ Ормутскиот Теснец“, соопшти американската војска преку социјалните мрежи.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, по иранскиот напад врз трговски брод, изјави дека „на насилството ќе се одговори со насилство“.

„Доколку имаат несогласувања околу начинот на кој се спроведува меморандумот за разбирање, можат едноставно да се јават по телефон“, напиша Венс на социјалната мрежа Х.

Исламската револуционерна гарда (ИРЦГ) соопшти дека ќе одговори „брзо и решително“.

ИРЦГ дополни дека го одбила американскиот напад врз островот Сирик, кој се наоѓа на брегот на Ормускиот Теснец.

Во објава на социјалните мрежи пред официјалното соопштение за нападите, Трамп напиша дека Иран лансирал четири дронови кон трговски бродови во теснецот.

„Еден од дроновите директно ја погоди горната палуба на голем и многу скап товарен брод. Причинета е штета, но бродот можеше да го продолжи патувањето. Ние ги соборивме останатите три дронови“, напиша Трамп.

Ова се случува откако на 17 јуни САД и Иран потпишаа меморандум за разбирање со цел да се запре американско-израелската војна против Иран. Во документот од 14 точки се бараше „итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“.

Но, Израел контролира речиси една петтина од територијата на Либан и продолжи со бомбардирањето на земјата и по потпишувањето на меморандумот.

Минатиот петок двете страни се согласија на прекин на огнот, но израелските сили сè уште се распоредени во јужен Либан. Иако нападите се намалија, тие не престанаа.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера објави дека е постигнат рамковен договор меѓу Либан и Израел по преговорите што се одржаа во Вашингтон.

Израел и Либан постигнаа рамковен договор со посредство на САД — Рубио  го нарече „почеток на почетокот“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот