Христијан Мицкоски, Билал Касами Фото: Фејсбук Касами

Касами може да изненади со нови избори за Тетово

Ова може да ја комплицира ситуацијата помеѓу владините партнери, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ смета дека одлуките на Уставниот суд не се толкуваат, туку се спроведуваат.

Додека премиерот Христијан Мицкоски ја реконструира Владата, а опозициската ДУИ протестира, владиниот партнер Билал Касами од Вреди можно е да изненади со нови избори во Тетово.

Евентуални нови избори за Општина Тетово се во игра откако Уставниот суд ја поништи одлуката на Општината за преименување на улиците во градот, што на нозе ја крена опозициската ДУИ.

Ова може да ја усложни ситуацијата помеѓу владините партнери, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ смета дека одлуките на Уставниот суд не се толкуваат, туку се спроведуваат.

Дали копретседателот на Вреди и градоначалник на Тетово Касами блефира со нови избори, ќе биде појасно веќе на наредната седница на Советот бидејќи Вреди го одби барањето на ДУИ за вонредна седница на која повторно би се гласало за веќе укинатата одлука на Уставниот суд за преименување на улиците.

Што вели Законот за локална самоуправа

Извори на Вреди за „Слободен печат“ велат дека тетовскиот градоначалник размислува за нови избори, откако Уставниот суд ја укина одлуката, а ДУИ го предизвикува општинскиот совет повторно да ја донесе.

За да предизвика нови избори, Касами може да се повика на Законот за локална самоуправа, односно на членот 75 во кој се посочуваат условите за распуштање на Советот.

bilal kasami
Билал Касами/ Фото – Општина Тетово

„Советот се распушта ако:

1. Повторно го донесе прописот што претходно бил поништен или укинат со одлука на Уставниот суд на Република Македонија.

2. Донесе одлука со која се загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

3. Не се состане за период подолг од шест месеци.

4. Не го донесе буџетот и годишната сметка и годишната сметка на буџетот до 31 март во тековната година“.

Од Вреди брифираат дека сериозно размислуваат за таа опција.

— Ако ДУИ инсистира повторно да се донесе одлуката за преименување на улиците во Тетово, што Уставниот суд ја укина, бидејќи тие тогаш не ја испочитувале процедурата, ние сме подготвени повторно да ја ставиме на дневен ред и да ја изгласаме, по што би се распуштил Советот и со тоа ќе се оди на избори — велат од Вреди.

Оттаму додаваат дека во прилог на опцијата нови локални избори во Тетово им одат и анкетите што партијата ги прави, а на кои, според нив, Вреди имаат убедлива предност пред албанските опозициски партии, па изборите можат да им обезбедат покомотна позиција и постабилно мнозинство во општинскиот совет.

Координаторот на советничката група на ДУИ во Тетово, Берат Мурати, за „Слободен печат“ вели дека тие веднаш побарале вонредна седница на Советот, но оти Вреди го одбила барањето.
Во документот кој ДУИ го достави до „Слободен печат“, советниците на ДУИ, еден ден откако Уставниот суд ја укина одлуката, побарале претседателот на Советот на Тетово веднаш да свика вонредна седница.

„Ова барање се поднесува како итна институционална потреба за разгледување на прашањето за именување и преименување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на територијата на Општина Тетово, имајќи ги предвид последните случувања што директно влијаат врз јавниот интерес, локалниот идентитет, правичната застапеност и општествената реалност на градот Тетово“, се вели во барањето.

Во барањето кое Вреди веќе го одбиле, се барало да се разгледа и повторно да се донесе истата одлука од 2006 година.

– Побаравме и информација од Касами до каде е работата на Комисијата за именување и преименување на улиците, и за конкретните чекори кои се преземени досега – вели Мурати.

Тој додава дека знаат оти ако повторно ја изгласаат одлуката која Уставен веќе ја укина ќе се распушти Советот и дека ќе има нови избори и додава дека се подготвени за ново изборно соочување.

Мицкоски: Одлуката на Судот не е конечна

Од Владата велат дека нема да коментираат одлуки на Уставниот суд. Премиерот, пак, неодамна рече дека одлуката на Судот не е конечна.

Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

– Мислам дека ова е почеток на процес што ќе мора да резултира со одлука. Инаку, со Билал Касами разговаравме за имиња на улици што се нумерирани или ненумерирани, да бидат именувани по луѓе што се заслужни за Македонија како независна држава, и јас стојам зад ова, бидејќи би било добро улицата да не биде нумерирана, туку да биде именувана по личност што е заслужна за независната држава Македонија – изјави Мицкоски.

ДУИ, пак, вечерва организира протестен марш на плоштадот „Илирија“, односно „Маршал Тито“ (едно од променетите имиња во Тетово). Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи преку Фејсбук ги повика граѓаните да му се придружат на протестот. Според Османи, маршот во Тетово не е марш на политичка партија, туку марш на секој Албанец и на секој граѓанин што ја сака оваа земја.

— Претседателот на антидржавниот Уставен суд Дарко Костадиновски изјави дека прашањето за јазикот „ќе биде затворено“, „решено“ и дека „никој не може да го спречи“. Ова не е изненадување. Одлуката за поништување на имињата на улиците и на плоштадите во Тетово не беше случајна. Тоа беше само тест за тоа како ќе помине големата одлука – онаа за албанскиот јазик. Затоа, денес повеќе од кога било, сè е во наши раце. Не само имињата на улиците и плоштадите, туку и иднината на албанскиот јазик во оваа земја. Маршот во Тетово не е марш на политичка партија. Тоа е марш на секој Албанец и на секој граѓанин што ја сака оваа земја, кој верува во еднаквост и кој сака заедничка, фер и европска иднина за сите.
Сега е време да докажеме дека вредностите на Охридскиот договор и еднаквоста не се допираат без да се наиде на демократскиот отпор на граѓаните — напиша Османи.

Касами, пак, во телевизиско гостување изјави дека одлуката на Уставниот суд нема ништо да промени.

– Општината ќе продолжи да ги користи имињата од 2007 година наваму, институциите ќе продолжат да ги користат имињата, како и секогаш, во меѓувреме Општина Тетово ќе продолжи со процесот на именување улици. Овој процес ќе биде завршен во согласност со Законот и Уставот и од тој момент, овие улици и многу други улици ќе имаат албански имиња – рече Касами.

Уставен суд: Промената на имињата морала да биде со владина согласност

Уставниот суд ја укина одлуката на Општина Тетово, бидејќи за неа Општината не добила согласност од Владата.

„Со донесувањето на Одлуката без потребната согласност од Владата, Општина Тетово го повредила начелото на владеење на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и член 5 став 2 од Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот