Брисел крчка нов план за земјите кандидатки — придобивки пред членство во ЕУ
Новиот пристап на Европската комисија треба да ги задржи земјите кандидатки активно вклучени во процесот на проширување, особено оние како Украина, чијшто пат кон членство најверојатно ќе трае со години.
Европската комисија подготвува планови со кои земјите кандидатки за членство во ЕУ би добиле економски придобивки уште пред да влезат во блокот, додека владите бараат начини да го забрзаат проширувањето без да ги намалат критериумите за прием, објави „Политико“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Предлозите се дел од напорите на Комисијата за „постепена интеграција“ — наградување на земјите кандидатки со поголем пристап до ЕУ додека спроведуваат реформи, иако нивните барања за членство сè уште се во процедура, велат двајца функционери кои инсистирале на анонимност за да разговараат за внатрешните размислувања.
Меѓу придобивките за кои се разговара се пристап до одредени програми за финансирање на ЕУ, повластени трговски аранжмани и делумен пристап до единствениот пазар пред пристапувањето, при што точниот пакет би се приспособувал според напредокот на секоја земја-кандидатка.
Целта е земјите кандидатки да останат на европскиот пат, преку поттик да ги спроведуваат политички тешките реформи, дури и ако полноправното членство останува со години далеку.
Економски придобивки за почеток
За разлика од претходните идеи за „обратно проширување“, со кои на земјите би им се дале политички права пред завршување на пристапниот процес — план што беше одбиен од главните градови на ЕУ — постепената интеграција би понудила економски придобивки слични на членството, без земјите да бидат примени во ЕУ пред да се оцени дека се подготвени.
Предлогот веќе има поголем политички импулс од претходните планови. Франција и Германија, двете најголеми сили во ЕУ, претходно поддржаа слични идеи за „олеснето членство“ за земјите што се соочуваат со долг пристапен процес, а функционерите се оптимисти дека овој пристап ќе биде поприфатлив од претходните шеми.
– Мора да има одредена паралелна, но неопходна економска интеграција. Принципот „повеќе за повеќе“ е добро испробан и треба да се прифати како поддршка за оние кандидатки што напредуваат подобро од другите – рече литванскиот европратеник што ја подготви стратегијата на Европскиот парламент за проширување, Петрас Ауштревичиус.
Франција и Германија туркаат иницијатива за „постепена интеграција“ на Западен Балкан во ЕУ
Пристапот ќе се одобрува од случај до случај
Комисијата ќе бара поддршка од земјите членки на ЕУ за иницијативата, а функционерите се надеваат дека лидерите ќе ја поддржат работата на поширока рамка на Европскиот совет во октомври или во декември.
Според плановите, пристапот до придобивките би се одобрувал од случај до случај, во зависност од тоа колку секоја земја ги усогласила своите правила со правилата на ЕУ и колку реформи спровела, рече еден функционер.
Тоа би претставувало значително отстапување од сегашниот систем, според кој најголем дел од придобивките се резервирани за полноправните членки.
Предлозите доаѓаат во време кога владите генерално се согласуваат дека проширувањето треба да се движи побрзо, особено поради руската војна против Украина, но и понатаму се претпазливи околу прием на земји пред тие целосно да бидат подготвени.
Затоа Брисел се обидува да го забрза процесот, истовремено вградувајќи посилни заштитни механизми за да ги увери скептичните главни градови.
Кандидатките треба да останат активно вклучени
Новиот пристап на Европската комисија треба да ги задржи земјите кандидатки активно вклучени во процесот на проширување, особено оние како Украина, чијшто пат кон членство најверојатно ќе трае со години. Наместо брзо членство, Брисел размислува за постепено отворање на дел од придобивките на ЕУ, во зависност од реформите што ќе ги спроведат кандидатите.
Според овој модел, земјите би добивале поголем пристап до европски програми и поволности чекор по чекор, како што ќе се усогласуваат со правилата на Унијата.
Молдавија веќе е пример за таков пристап, бидејќи ѝ е понудено приклучување кон системот за плаќања во евра, кон роаминг-аранжманите и кон културни програми на ЕУ.
Сепак, реформата на проширувањето напредува бавно.
Иако лидерите на ЕУ се согласуваат дека процесот мора да се забрза, нема целосен договор како тоа да се направи.
Црна Гора се смета за најнапредна кандидатка, додека, пак, Украина и Молдавија ги почнаа преговорите.
Дел од земјите, како Србија, Турција и Грузија, се соочуваат со застој.
Украина и Црна Гора, пак, предупредуваат дека „олеснетото членство“ не смее да стане замена за полноправно членство.


