Мартин Богатиноски

Ако реконструкцијата е успех, тогаш како изгледа поразот?

Зборот „реконструкција“ кај нас звучи некако свечено. Политичарите го изговараат со насмевка, како да носат добра вест. А всушност, секоја голема реконструкција е признание дека нешто сериозно не функционирало.

Две години. Толку време беше потребно за Владата да сфати дека можеби повеќе од една третина од луѓето што самата ги постави, не биле вистинскиот избор. Ако тоа не е признание за погрешна кадровска политика, тогаш тешко е да се најде подобар пример. Оти, кога по само две години мораш да менуваш толку многу функционери, проблемот не е само во нив. Проблемот е и во оној што ги избрал.

Во Македонија реконструкцијата на Владата одамна ја загуби смислата. Кога нешто не оди, наместо да се менува политиката, се менуваат министрите. Ако ни тогаш не тргне, виновен е народот што не ги препознал успесите.

Зборот „реконструкција“ кај нас звучи некако свечено. Политичарите го изговараат со насмевка, како да носат добра вест. А всушност, секоја голема реконструкција е признание дека нешто сериозно не функционирало.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во претстојната реконструкција можеби ќе бидат сменети повеќе од една третина од функционерите. А ако по само две години мораш да смениш повеќе од една третина од луѓето што самиот си ги избрал, што точно признаваш? Дека тие не чинеле? Или дека ти не знаеше кого избираш?

Трета опција речиси и да нема. Политиката не е грепка, па да речеш: „Не ми се падна, ајде пак“. Министрите, директорите и функционерите не се извлекуваат од шешир. Некој ги избрал. Некој ги предложил. Некој ги убедувал граѓаните дека токму тие се најдобрите што Македонија ги има. Некој ги бранел на телевизија и правел „да пукне“ со нив на митинзи.

Тој некој денес е истиот човек што сега размислува да ги смени. Нему најлесно му е да изговори: реконструкција. Зборот звучи дури и позитивно. Како реновирање стан. Ќе смениш плочки, ќе варосаш ѕидови и сѐ ќе мириса на ново. Ама државата не е купатило.

Кога после две години менуваш толку многу луѓе, тоа не е само реконструкција. Тоа е признание дека нешто било погрешно поставено уште на почетокот.

И не се работи само за министрите. Зад секој министер стојат директори, советници, кабинети, управни одбори, државни секретари, партиски војски и цел еден синџир на именувања. Ако врвот бил погрешен, тогаш прашањето е колку погрешни биле и сите под него.

Кај нас, пак, реконструкцијата често се претставува и како доказ за сила.

Еве, гледате колку сме храбри. Менуваме“.

Не. Храброст е да не поставиш неспособен човек уште на старт. Храброст е да кажеш: „Да, згрешив во изборот“.

Но тоа ретко ќе го слушнете од политичар. Наместо тоа, ќе слушате дека се менуваат приоритетите. Дека државата влегува во нова фаза. Дека сега е потребна нова енергија. Убаво звучи. Само што тие луѓе не паднале од Марс. Пред две години истите тие беа претставени како најспособните, најподготвените и најдобрите.

Што се смени? Или тие одеднаш заборавија да работат, или некој тогаш многу лошо ги проценил.

Во нормална приватна фирма, ако директорот за две години утне со една третина од менаџерите, сопственикот ќе го повика прво него на разговор. Кај нас директорот држи прес-конференција и објаснува дека токму смената на менаџерите е доказ дека добро се работи.

А во македонската политика никој никогаш не греши. Само околностите се менуваат. Времето е виновно. Геополитиката е виновна. Наследените проблеми се виновни. Меркур е ретрограден. Сè е виновно, освен оној што ги носел одлуките.

И така од реконструкција до реконструкција, од метла до метла, од нов почеток до нов почеток, Македонија постојано почнува одново. Секои две години слушаме дека сега доаѓа вистинскиот тим. Дека сега ќе биде поинаку. Дека сега конечно се погодени вистинските луѓе.

Затоа оваа реконструкција не треба да се гледа само како кадровска промена. Таа е тест за политичката одговорност. Ако навистина се покажало дека една третина од функционерите не ја оправдале довербата, тогаш неуспехот не е само нивен. Неуспехот е и на оној што ги избрал, ги предложил и две години ги бранел.

Во спротивно, ќе испадне дека Владата две години возела со дупната гума, а сега ни објаснуваат дека проблемот бил во ретровизорот.

И тоа можеби е добра шега, но не е добра политика.

Не мора туѓи чевли – си имаме образ за гланцање

СДСМ пали, СДСМ гаси – ама само на Фејсбук

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот