Не мора туѓи чевли – си имаме образ за гланцање
Македонија, рече премиерот, извлекла поука од Преспанскиот договор. Малку доцна, ама нема врска – и возовите кај нас доцнат, па сепак ги викаме возови. Тоа е како човек што по третата поплава сфаќа дека можеби не требало да гради куќа во коритото на реката, ама сепак го радува фактот што сега барем има искуство.
Во една мала земја, некаде меѓу големите ветувања и малите плати, беше донесена една многу важна одлука: веќе нема да се води политика на гланцање чевли.
Препорачано
Народот ја прими веста мирно и достоинствено. Некој се насмеа. Некој воздивна. Некој праша дали ова значи дека ќе поевтини маслото.
„Нема повеќе коленичење“, изговори премиерот Христијан Мицкоски директно од Струмица.
Убаво звучи тоа. Како реклама за маст против болки во зглобови. Само што кај нас колената не болат само од старост…
Македонија, рече тој, извлекла поука од Преспанскиот договор. Малку доцна, ама нема врска – и возовите кај нас доцнат, па сепак ги викаме возови. Тоа е како човек што по третата поплава сфаќа дека можеби не требало да гради куќа во коритото на реката, ама сепак го радува фактот што сега барем има искуство.
Ние сме таков народ: често губиме покрив над главата, ама добиваме лекција. А лекциите кај нас се единствената стока што не поскапува, затоа што никој не ги користи.
Преспа требаше да биде големиот чекор. Ни беше објаснувано дека ако се наведнеме уште малку, хоризонтот ќе се отвори. Ако го смениме ова, ќе го добиеме она. Ако проголтаме горчина, ќе ни дадат сладолед. Ако направиме историски компромис, историјата ќе ни подаде рака.
А историјата, како и обично, беше зафатена. Наместо рака, добивме нови услови. Наместо датум што ќе личи на почеток, добивме тапкање по рамото и онаа дипломатска верзија на „ќе видиме“. А кога некој на Балканот ќе ти каже „ќе видиме“, тоа значи дека веќе видел, само не сака да ти каже.
И не е проблемот во Европа, да не се лажеме. Европа е таму каде што си е. Со свои интереси, свои стравови, свои бирократи со залижани фризурчиња… Проблемот е што ние со години мислевме дека ако доволно им се допаднеме, некој ќе нè посвои. Како кученце пред амбасада.
Се смеевме, мавтавме, менувавме таблички, менувавме документи, менувавме имиња. Само навиката не ја сменивме: секогаш кога ќе дојде некој однадвор, да го гледаме како класен раководител што ќе ни каже дали сме добри деца.
Сега Мицкоски вели дека доста било со гланцање чевли и коленичење. Во ред. Само тоа не смее да биде нова претстава за стара публика. Оти, кај нас лесно се оди од една крајност во друга. Вчера сме се топеле од љубезност и сме пределе како маалски ангорчиња, денес ќе се правиме дека сме страшен геополитички тигар.
А реално, најголемиот дел од државата сè уште се бори со проблемите во здравството, со лошиот автобуски превоз, образованието, како и со прашањето дали сирењето навистина е сирење.
Достоинство не е кога ќе кажеш дека веќе не коленичиш. Достоинство е кога не мораш да го кажеш тоа. Кога ќе седнеш на маса и нема да изгледаш како намуртен келнер што чека бакшиш, но ни како проблематичен гостин што дошол да ја преврти масата. Достоинство е да знаеш што сакаш, што можеш и што нема да дадеш, макар сите околу тебе да ти објаснуваат дека „моментот е историски“.
А кај нас секој момент е историски. И отворање кружен тек е историско. И доаѓање еврокомесар е историско. И пуштање канализација е историско. Држава што секој ден живее историја, на крај нема време за сегашност.
А сегашноста е многу проста работа. Народот бара само да не го прават будала. Бара кога ќе му кажат „ова мора“, да му кажат и што точно добива или што точно губи.
Народот одамна знае дека Преспа не ги донесе ветените чуда. Знае и дека Европа не е добротворна организација со срце од марципан. Знае и дека домашните политичари се најсилни кога зборуваат за достоинство, а најтивки кога треба да го покажат достоинството на дело.
Затоа, нека доаѓаат дипломати, комесари, известувачи, пријатели, загрижени партнери и добронамерници. Ќе ги пречекаме. Ќе разговараме. Ќе бидеме учтиви.
Само четката за гланцање нека ни биде при рака. За секој случај. Оти, ако веќе мора нешто да гланцаме, треба да почнеме од сопствениот образ, кој одамна е ѓон.


