Фото: EPA/YOAN VALAT

Самитот на Г7 не помести ништо од мртва точка

Европските лидери излегоа со силна политичка порака за поддршка на Украина, но самитот на Г7 не доведе до пресврт што би ја сменил динамиката на војната. Европа бара посилен притисок врз Москва, додека, пак, клучната улога повторно останува кај Доналд Трамп.

Самитот на Г7 во францускиот град Евијан ле Бен, кој се одржуваше од понеделникот до вчера, заврши со пораката – најмоќните западни економии остануваат обединети во поддршката за Украина, вклучително и за нејзиниот територијален интегритет, а и се подготвени да го засилат притисокот врз Русија.

Сепак, сето тоа изгледа како „чекор напред, два назад“, бидејќи нема практичен напредок што би ги поместил работите од мртва точка. Европа сака поголем притисок врз Москва, а претседателот Доналд Трамп повторно е централната фигура од која зависи дали заканите ќе се остварат. Американскиот претседател порача дека „ќе продолжи со напорите за ставање крај на руската војна против Украина“, иако оцени дека конфликтот „нема никаква врска со САД“, со што повторно покажа резервираност кон украинското прашање.

– Видете… Русија треба да постигне договор – рече Трамп.

Тој додаде дека „Украина ќе биде ставена во втор план, додека Вашингтон е сосредоточен на Иран“.

– Ќе видиме. Во моментов сме фокусирани, односно бевме фокусирани на Иран. Тоа ќе остане во позадина, во ретровизорот, но ние ќе бидеме… Видете, ние немаме никаква врска со тоа – рече американскиот претседател.

Сепак, тој тврди дека останува посветен на завршување на војната „бидејќи не сака да гледа како умираат луѓе“.

– Единствената причина поради која сум вклучен е тоа што не сакам да гледам како секој месец умираат 25.000 луѓе. Млади луѓе, кои штотуку го започнуваат својот живот… Целата работа е апсурдна. Затоа, да, ќе направам сè што можам – додаде Трамп.

Западот се спрема за продолжена војна

Лидерите на Г7 во заедничка изјава ја поддржаа Украина во момент кога Киев се обидува да влезе во можни мировни преговори со Москва. Тие сакаат зголемување на испораките на системи за воздушна одбрана, пресретнувачи и капацитети со долг дострел, како и можност за проширување зголемување на украинското домашно воено производство.

Челниците најавија и дополнителна помош за украинскиот енергетски систем пред претстојната зима, што покажува дека Западот се подготвува за продолжена војна.

Заедничката изјава ја одразува и променетата атмосфера околу Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите сојузници пристигнаа на самитот за да го убедат Трамп дека украинската одбрана дава резултати и дека Русија не е во позиција сама да ги диктира условите за мировен договор. Во тој контекст, успешните украински напади со беспилотни летала се претставуваат како фактор што ја ослабнал преговарачката позиција на Москва и ја зголемил тежината на Киев пред западните лидери.

Трамп го опиша состанокот со Зеленски и со другите лидери како „многу добар“, додека, пак, канадскиот премиер Марк Карни оцени дека кај Вашингтон има „потврда позиција кон Русија“ и пореалистично гледање на состојбата на теренот. Но, никогаш не се знае колку долго ќе трае таа позиција на Трамп.

„Јас сум шефот“

Трамп, пак, ја искористи сцената на Г7 и за да ја покаже својата доминантна позиција меѓу западните лидери. Тој, на средбата за глобална економска безбедност, им рече на присутните: „Јас сум шефот“, коментар што беше изговорен во шеговит тон, но ја одразува стварноста. Иако Г7 формално функционира како клуб на најразвиените демократии, темпото на разговорите за Украина, Иран, енергијата и економската безбедност во голема мера зависи од тоа колку далеку е спремен да оди Вашингтон.

Паралелно со Украина, вториот голем столб на самитот беше Иран. Лидерите на Г7 го поздравија прелиминарниот мировен договор меѓу САД и Иран, кој Трамп го потпиша пред самитот и најавија дека се подготвени да помогнат во неговото спроведување. Договорот повторно го отвора Ормускиот Теснец и ја потврдува иранската позиција дека земјата не сака нуклеарно оружје, но остава нерешени клучни прашања, меѓу кои судбината на високо збогатениот ураниум, балистичките ракети и поддршката на Техеран за сојузнички вооружени групи во регионот.

Техеран не ја ферма Европа

Заедничката изјава на Г7 повикува на поширок дополнителен договор со Иран, кој би ги опфатил неговата ракетна програма и регионалните активности. Таквиот пристап веројатно ќе биде одбиен од Техеран, кој досега преговараше директно со САД и ја гледа Европа како маргинален актер. Трамп може да го претстави договорот како дипломатска победа, но европските лидери очигледно сметаат дека меморандумот е премногу тесен за да обезбеди долгорочна стабилност на Блискиот Исток.

Франција и Британија поддржуваат независна одбранбена иницијатива за придружба на трговски бродови низ Ормускиот Теснец, со цел да се обнови довербата на комерцијалниот бродски сообраќај. Но, и тука постојат ограничувања – мисијата не би требало да биде офанзивна и практично би зависела од пошироко меѓународно прифаќање, а можеби и од иранската согласност. Трамп не е целосно убеден дека таквата мисија е неопходна.

Договорот со Иран му даде на Г7 и економски аргумент за нов притисок врз Русија. Лидерите оценија дека повторното отворање на Ормускиот Теснец создава подобар момент за зајакнување на санкциите врз руската воена економија, особено во нафтениот и гасниот сектор. Ако глобалните енергетски текови се стабилизираат, западните земји имаат поголем простор да ја погодат руската енергетска машинерија без веднаш да предизвикаат шок на пазарите.

Страв од нов „кинески шок“

Третата голема тема на самитот беше економската безбедност, особено критичните минерали и зависноста од Кина. Франција турка за декларација што би помогнала Западот да ја намали зависноста од кинеските синџири за снабдување и да ги заштити инвеститорите од дампинг и од контрамерки. Кина веќе ја вознемири глобалната економија со ограничувања на извозот на ретки земји и материјали што се клучни за индустријата, технологијата и одбраната.

Сепак, и тука единството е полесно на хартија одошто во практика. САД предложија трговски блок за критични минерали, но партнерите не се согласни како би функционирал тој модел, особено во услови кога Белата куќа ја води политиката „Америка на прво место“.

Европа, истовремено, се соочува со растечки трговски дефицит со Кина и со страв од нов „кинески шок“, овој пат не само во евтини производи, туку и во напредни индустрии.
Сума сумарум, самитот на Г7 испрати силна политичка порака, но остави отворени повеќе прашања одошто затвори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот