Европа се бори со бранот синтетички опијати — секоја недела се појавува нова дрога на црниот пазар
Европа се соочува со забрзана појава на нови психоактивни супстанци, при што речиси секоја недела на црниот пазар се регистрира нов вид дрога, соопшти Европската агенција за дроги (ЕУДА), пренесува Еуроњуз.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според Европскиот извештај за дроги за 2026 година, под надзор на агенцијата во моментов се наоѓаат повеќе од 1.000 нови психоактивни супстанци, меѓу кои и над 100 синтетички опијати. Голем број од нив биле речиси непознати на европскиот пазар пред само десетина години, но само лани биле отриени 50-ина нови супстанци.
Меѓу најновите се т.н. орфински опијати, група полусинтетички супстанции што брзо се прошири од 2024 година наваму. Досега се идентификувани девет нови орфински супстанции, кои се поврзуваат со повеќе од 30 смртни случаи низ Европа. Две од нив – циклорхфин и спирохлорфин – веќе се појавиле во најмалку десетина земји и се ставени во забрзана постапка за проценка на ризик на ниво на ЕУ.
„Тешко е сè да се сведе на една причина, бидејќи пазарот реагира на повеќе фактори“, изјави извршната директорка на ЕУДА, Лореин Нолан.
Таа посочи дека организираниот криминал, миграциските притисоци и геополитичките промени ја преобликуваат понудата на дроги.
Според неа, Европа станала и производствен центар, со стотици нелегални лаборатории кои работат секоја година, надоврзувајќи се на долгата традиција на производство на амфетамини и користејќи сè пософистицирана опрема.
„Ситуацијата е предизвикувачка поради брзината со која се развиваат новите супстанции и нивното многу брзо појавување“, рече Нолан, додавајќи дека секое ново соединение носи здравствени ризици кои сè уште не се целосно разбрани.
Проценка на ризик од дроги
Како што пишува Еуроњуз, Европа не заостанува по прашањето за дрогите. Мандатот на ЕУДА беше проширен во јули 2024 година, а агенцијата оттогаш воведе нови алатки за да го намали јазот меѓу откривањето и контролата на новите дроги. Тие вклучуваат т.н. европски систем за предупредување за дроги, кој овозможува брзо информирање на службите на терен, единица за проценка на закани што предвидува како би можеле да се однесуваат новите супстанции, како и нова мрежа на форензички и токсиколошки лаборатории.
Во однос на синтетичките опијати, агенцијата активно врши проценка на ризикот за неколку супстанции, за кои се очекува да бидат ставени под контрола на ниво на целата ЕУ. Целта е што побрзо да се премине од откривање, преку проценка на штетноста, до воведување мерки за контрола.
Со мерки до намалување на штетите од дроги
Податоците од извештајот покажуваат дека Европската Унија засега се справува подобро од некои други региони. Во 2024 година во ЕУ биле регистрирани околу 7.600 смртни случаи поврзани со дроги, што е далеку помалку од повеќе од 100.000 смртни случаи годишно во САД, иако тие имаат помало население.
Нолан смета дека оваа разлика делумно се должи на „урамнотежениот пристап“ на Европа, кој ги комбинира полициските мерки со континуирани инвестиции во лекување и намалување на штетите. Повеќе од 500.000 од околу 800.000 лица со проблематична зависност од опијати во ЕУ – над 60 проценти – примаат терапија, а „налоксон“, лекот што може да го поништи дејството на предозирање, е достапен во 19 земји-членки.
Нерамномерен пристап кон дрогите од земја до земја
Постојат и недостатоци. Програмите за размена на игли и шприцеви функционираат низ целата Унија, но повеќе држави сè уште не ги исполнуваат меѓународните стандарди за опфат. Просториите за безбедно консумирање дроги – некогаш оспорувана мерка за намалување на штетите – се воведуваат бавно.
„Состојбата „начително се подобрува“, оцени Нолан, но посочи дека националните системи сè уште располагаат со нерамномерни ресурси.
Токму тие разлики се во фокусот на новата Стратегија на ЕУ за дроги за периодот 2026–2030, која Советот на ЕУ ја усвои во јуни. Таа е една од најсеопфатните рамки што Европа ги донела досега и се темели на пет столба: јавно здравје, безбедност, намалување на штетите, партнерства и подготвеност.
Целта е да се надмине пристапот од минатото, кој понудата и побарувачката на дроги ги третираше како одвоени проблеми.
„Стратегијата многу внимателно ја разгледува сложената меѓусебна поврзаност меѓу овие два фактори“, изјави Нолан.
Обуки, следење на состојбите и финансии
Улогата на Европската агенција за дроги во рамките на стратегијата е техничка, а не извршна. Наместо да им наложува мерки на владите, агенцијата обезбедува научни докази, обуки и следење на состојбите за да им помогне на земјите сами да ги обликуваат своите политики. Минатата година таа обучила илјадници лица од службите на терен и организирала повеќе од 1.200 вебинари за националните институции.
Според Нолан, се продлабочува и соработката со Еуропол и Фронтекс, бидејќи мрежите за трговија со дрога стануваат сè пософистицирани и сè повеќе се поврзуваат со организираното насилство. Во моментов, ЕУДА претседава со мрежата на агенции на ЕУ за правда и внатрешни работи, а овогодишната агенда е насочена кон поврзаноста меѓу здравството, безбедноста и новите технолошки закани.
Брисел смета дека побрзото откривање, поефикасната проценка на ризикот и континуираното финансирање на мерките за намалување на штетите ќе помогнат Европа да избегне сценарио слично на она во другите делови на светот, и покрај тоа што синтетичките дроги постојано се менуваат.


