Владо Мисајловски / Состанок на Советот за безбедност / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Мисајловски на состаноци во НАТО — Алијансата со план да ја зајакне одбранбената моќ на Европа

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествува на состаноци на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана.

Според најавите, на состаноците ќе стане збор за зацврстување на одбранбените способности на НАТО преку континуирано вложување во одбраната, развој на вооружените сили и јакнење на одбранбената индустрија.

На состаноците, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги претстави приоритетите на Алијансата, посочувајќи дека сојузниците ќе покажат напредок во изградбата на посилна Европа во рамки на посилно НАТО.

„Потребни ни се повеќе сили, повеќе ресурси и многу посилна индустриска база. Тоа значи постојано зголемување на инвестициите во одбраната и поправедна распределба на одговорноста за нашата колективна безбедност“, изјави Руте.

Тој нагласи дека во 2025 година европските сојузници и Канада значително ги зголемиле основните инвестиции во одбраната, со раст од повеќе од 90 милијарди долари, што претставува речиси 20 отсто зголемување за една година.

„САД ги приспособија своите ветени придонеси, а другите сојузници презедоа поголема улога. Ова нè прави посилни и тоа е суштината на НАТО 3.0 – посилна Европа во посилно НАТО“, рече генералниот секретар.

Тој истакна дека НАТО продолжува да работи со одбранбената индустрија за да обезбеди доволно производство и да ја задржи технолошката предност на Алијансата. Поддршката за Украина останува еден од главните приоритети, а Руте порача дека сојузниците досега обезбедиле милијарди долари помош, артилерија и муниција, но дека поддршката мора да продолжи.

Министерот Мисајловски, покрај главната сесија на Северноатлантскиот совет, ќе учествува и на состанокот на Групата за нуклеарно планирање и Контакт-групата за Украина.

Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО доаѓа во услови на зголемен притисок од Вашингтон кон европските сојузници за зајакнување на своите одбранбени капацитети и обезбедување поголема поддршка за САД по војната со Иран. Средбата се одржува и во време кога европските сојузници разговараат за можна поморска мисија предводена од Франција и Велика Британија за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец по завршувањето на воените дејствија со Иран.

Руте го претстави „НАТО 3.0“ и ја нарече Русија „најдиректна закана“ за Алијансата

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот