НБРСМ / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Величковски: Повеќе од 90 проценти од плаќањето кај малите трговци сè уште е во готовина

Иако граѓаните во Македонија сè повеќе користат дигитални услуги, малите трговци и натаму најчесто работат со готовина. Според податоците на Народната банка, повеќе од 90 проценти од плаќањата за стоки и услуги кај малите бизниси сè уште се реализираат во кеш.

На овој предизвик укажа вицегувернерот Игор Величковски на работилницата „Премостување на јазот кај прифаќањето на електронските плаќања од страна на трговците“, организирана во соработка со Светската банка.

Тој истакна дека земјава има солидна основа за развој на дигиталните плаќања. Дури 84 проценти од граѓаните имаат платежна сметка, а тројца од четворица корисници веќе испраќаат или примаат плаќања преку дигитални канали. Покриеноста со интернет и мобилна мрежа е над 90 проценти.

Сепак, проблемот останува кај трговците. Во државата функционираат околу 36.000 уреди за електронско плаќање кај приближно 16.700 трговци, што покажува дека ваквите услуги се концентрирани и недоволно достапни, особено за малите бизниси.

-Главното прашање не е дали граѓаните можат да плаќаат дигитално, туку дали малите трговци можат да го прифатат тоа плаќање“, нагласи Величковски. Според него, многу мали бизниси сè уште ги сметаат електронските плаќања за скапи и комплицирани.

Како решение, Народната банка најавува воведување на инстант плаќања до крајот на годинава преку клонот на ТИПС системот, развиен од Банката на Италија за земјите од Западен Балкан. Паралелно ќе се воведат национален интероперабилен QR-код, плаќања преку едноставни идентификатори, инстант потврди за трансакции, услугата „Барање за плаќање“, како и нови мобилни апликации, вклучително и од небанкарски даватели.

Според Величковски, овие решенија треба да ги намалат трошоците и административните процедури за трговците и да овозможат дигиталните плаќања да станат подеднакво едноставни како примање порака на мобилен телефон.

Тој ја истакна и важноста на соработката со Светската банка во процесот на модернизација на платежниот систем и интеграцијата кон европските стандарди преку СЕПА.

-Целта е секој мал трговец во државата да може лесно, брзо и со минимални трошоци да прифаќа дигитални плаќања- порача Величковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот