Од 2027 година нов трошок за најголемите акционери, ЦДХВ воведува надоместок за портфолија над 1 милион евра
Централниот депозитар за хартии од вредност (ЦДХВ) усвои измени на Тарифата за услугите што ги обезбедува, откако за нив беше добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност. Станува збор за први посеопфатни измени на тарифниот модел по подолг период, со кои се усогласуваат одредени надоместоци со актуелните економски услови и се воведуваат новини во начинот на наплата на депозитарските услуги.
Препорачано
Како клучна институција на македонскиот пазар на капитал, ЦДХВ ја води евиденцијата за сопственоста на хартиите од вредност, овозможува сигурно порамнување на трансакциите и ги спроведува корпоративните активности на акционерските друштва. Оттаму посочуваат дека континуираното инвестирање во информатичка инфраструктура, сајбер безбедност и усогласување со меѓународните стандарди бара одржлив финансиски модел.
Најзначајната новина е воведувањето на надоместок за централно чување на хартии од вредност (safekeeping fee), практика која веќе постои кај голем број европски депозитари и старателски институции.
Овој надоместок ќе започне да се применува од 1 јануари 2027 година и ќе важи исклучиво за сопственици на портфолија чија вредност надминува 1 милион евра. Според анализите на ЦДХВ, новата давачка ќе опфати околу 1 процент од вкупниот број иматели на хартии од вредност во земјата.
Од Депозитарот нагласуваат дека предложените стапки се поставени на конзервативно ниво и се пониски во споредба со практиките во дел од земјите од регионот.
Истовремено, од почетокот на 2027 година ќе биде укината една од постојните тарифни ставки што сега ја плаќаат издавачите на хартии од вредност. Со тоа, според ЦДХВ, ќе се обезбеди порамномерна распределба на трошоците за одржување на депозитарската инфраструктура меѓу различните категории корисници.
Од институцијата оценуваат дека измените ќе придонесат за поодржливо финансирање на системот и негово дополнително усогласување со современите европски практики. Пречистениот текст на Тарифата е достапен на официјалната интернет-страница на ЦДХВ.
Величковски: Повеќе од 90 проценти од плаќањето кај малите трговци сè уште е во готовина


