Вработен во клиника се обидел да ги продаде медицинските податоци на Кејт Мидлтон
Поранешен здравствен работник доби официјална опомена од Канцеларијата на комесарот за информации (ИКО) поради обид да ги прибави и продаде медицинските досиеја на Кејт Мидлтон, принцезата од Велс, објави Би-би-си.
Препорачано
ИКО ја започна својата кривична истрага во март 2024 година, откако беше пријавено дека вработен во лондонската клиника „Лондон клиник“ се обидел да пристапи до медицинската документација на принцезата додека таа била пациентка таму по операција на абдоменот извршена претходно истата година.
Портпарол на приватната болница изјави: „Задоволни сме што нашата соработка со ИКО придонесе овој тажен и изолиран инцидент да добие завршница. Болницата не прекршила никакви регулативи.“
Од ИКО соопштија дека опомената претставува „соодветен и пропорционален одговор во рамки на спроведувањето на законот“.
Надзорното тело за приватност и заштита на податоците оцени дека станува збор за „намерна злоупотреба на исклучително чувствителни лични информации и понуда тие да бидат откриени за финансиска корист“.
Тие додадоа дека истрагата не открила никакви докази за „пошироки организациски проблеми поврзани со здравствената грижа во овој случај“.
Извршниот директор за регулаторен надзор во ИКО, Ијан Хјулм, изјави: „Луѓето треба да имаат доверба дека личните информации што ги споделуваат со здравствените установи се безбедни и заштитени од злоупотреба. Кога таа доверба ќе биде нарушена, оправдано е законот да ни овозможи да преземеме соодветни мерки.“
„Лондон Клиник“, која се наоѓа во близина на Риџентс Парк во центарот на Лондон, се претставува како најголемата независна приватна болница во Обединетото Кралство и често ја користат членови на кралското семејство.
Да потсетиме, Кејт Мидлтон беше подложена на операција на абдоменот во оваа болница во јануари 2024 година, по што се повлече од јавните обврски за време на закрепнувањето. Два месеци подоцна, таа откри дека прима третман за рак. На почетокот на 2025 година принцезата потврди дека болеста е во ремисија и постепено почна да се враќа на јавните настани по завршувањето на лекувањето.


