Европа е на тест — Македонија не е одговорна за туѓите опсесии со нејзиниот идентитет, вели европратеничката Јовева

Европратеничката Ирена Јовева денес изјави дека не поддржала некои делови од извештајот за напредокот на Македонија кон Европската Унија, нагласувајќи дека документот треба да остане фокусиран на реформите и на владеењето на правото, а не на прашањата за идентитетот.

Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, документ кој повторно отвори дебата околу содржината поврзана со идентитетски прашања. Јовева рече дека го поддржала извештајот во целина, но не и сите негови делови.

Во образложението за своето гласање, Јовева порача дека извештајот мора да остане документ за европската иднина и оцени дека македонските граѓани не треба да бидат заложници на политички несогласувања меѓу други држави.

— Иако, се разбира, не го поддржав целиот текст – зошто на крајот го поддржав извештајот? Затоа што оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Затоа што Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите — рече таа.

Подготвена ли е ЕУ за прием на нови членки?

Јовева додаде и дека е проблематично кога фокусот на дебатата се поместува од суштината на европските реформи кон, како што наведе, „објаснувања за тоа кој е кој“, оценувајќи дека тоа не е улогата на Европскиот парламент.

— Што сме ние, историска академија или Европски парламент? Европската Унија е создадена за да можат народите заедно да ја градат иднината, а не за да издава сертификати за постоење на народи. И секако, не е создадена на старите национализми да им дава нова, да не кажам модерна европска сцена. Македонците немаат што да докажуваат — додаде Јовева.

Таа, исто така, ги отфрли толкувањата дека денешното гласање претставува „победа или пораз“ за која било страна, нагласувајќи дека процесот на проширување не е политички натпревар, туку техничка и реформска проценка на земјите кандидатки.

Таа заклучи дека суштинското прашање е дали Европската Унија ќе остане доследна на принципот на објективна проценка на реформите, додавајќи дека во овој контекст „Македонците не беа на тест, туку Европа“.

Во ЕП нѐ брани словенечката пратеничка Ирена Јовева, по потекло Македонка – ги цитираше „Дубиоза колектив“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот