Подготвена ли е ЕУ за прием на нови членки?
Брисел вели дека ЕУ мора да расте, но отпорот во рамките на Унијата е голем, а некои тврдат дека мора да има реформи пред таа да се прошири. Црна Гора останува единствената земја со реални шанси за брзо членство.
„Проширувањето е приоритет за ЕУ и ако нашите кандидати испорачаат резултати, тогаш и ние мора да ги исполниме нашите обврските“, рече еврокомесарката за проширување Марта Кос во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел што се одржа месецов. Како доказ дека ЕУ не останува само на реторика, Кос посочи на фактот дека за прв пат по 17 години, Унијата во април годинава формираше работна група за изготвување на договорот за пристапување на земјата кандидат Црна Гора.
Препорачано
„Нема појасен сигнал дека ЕУ ја смета Црна Гора за следна земја-членка“, вели за ДВ Страхиња Суботиќ, раководител на програмата и виш истражувач во Центарот за европска политика (CEP) во Белград.
Проширувањето како геополитичко и безбедносно прашање
Руската инвазија врз Украина во 2022 година темата за проширувањето ја врати во фокусот на европската политика, трансформирајќи го долго време само техничкиот процес во актуелно геополитичко и безбедносно прашање.
„Геополитичката потреба за проширување ја препознаваат сите земји-членки“, вели Стивен Блокманс од Центарот за европски политички студии.
Тој за ДВ додава дека „тоа секогаш е поврзано со две нешта. Од една страна пристапување базирано на заслуги, при што земјите-кандидатки се оценуваат според нивните реформи и темелност, и второ со потребата ЕУ да ја промени својата политика и методите на управување“.
Дали важечкиот модел за пристапување е соодветен за целта?
Од тие причини дебатата во Брисел не се фокусира само на проширувањето, туку и на прашањето дали традиционалниот модел за пристапување во Унијата е и натаму соодветен за целта. Еврокомесарката Марта Кос признава дека ЕУ сè уште користи методологија која била развиена пред четири децении. „Со земјите членки сега дискутираме дали принцип на постепена интеграција, кој главно го користиме на единствениот пазар, би можел да се применува и на други области, особено во однос на безбедноста“, наведува таа.
Нови предлог модели за постепена интеграција
Во неодамнешен предлог за проширување на ЕУ, германскиот канцелар Фридрих Мерц повика да се почне со сите преговарачки кластери со Украина и предложи форма на „придружно членство“ со што Киев би се врзал потесно на ЕУ уште пред целосното пристапување, вклучително и поголема партиципација во институциите на ЕУ и во надворешната и безбедносната политика.
Мерц истовремено предложи на земјите од Западен Балкан и Молдавија да им се даде привилегиран пристап до единствениот пазар на ЕУ, статус на набљудувач во телата на ЕУ и постепена интеграција во процесите на носење одлуки со цел да се забрза нивниот пат кон членство. Вакви идеи со години циркулираат во Брисел и европските престолнини.
Моделот на постепено пристапување кон ЕУ
Стивен Блокманс, еден од авторите на моделот за „постепено пристапување“, за ДВ вели дека елементи од таквиот пристап постепено влегле во мејнстрим размислувањето на ЕУ преку Планот за раст на Западен Балкан и предлози од земји како Франција, Германија и Литванија. „Гледате елементи на пристап во фази, при што бенефити од реформите се нудат и во претпристапните фази од процесот“, вели Блокманс.
Отпор за некои од предлозите за Украина
Блокманс истакнува дека некои од поамбициозните предлози за Украина веќе наидуваат на отпор. Меѓу нив е идејата за т.н. „обратно проширување“ што ужива поддршка од украинскиот претседател Володимир Зеленски и делови од ЕК И според кое земји како Украина формално би влегле во ЕУ, а ДУРИ потоа би ги завршиле реформите. Идејата брзо беше отфрлена од земјите-членки.
Табу идејата веќе не е тотално табу
Предлогот на Мерц покрена едно од најсензитивните прашања околу идното проширување, имено колку моќ за носење одлуки ќе имаат новите земји-членки од сам почеток, особено во области за кои и натаму е потребна едногласност.
Таа дебата вниманието повторно го стави на една од поконтроверзните идеи во Брисел, имено можноста за привремено ограничување на правата на вето за нови земји-членки во одреден период по нивното пристапување. Предлогот беше развиен од истражувачи како Стивен Блокманс и Страхиња Суботиќ, како дел од моделот на постепено пристапување.
„Нема членство од втор ред“
Според Суботиќ, целта не била да се создаде „членство од втор ред“ како што забележуваат некои критичари, туку да се уверат поскептичните членки дека проширувањето нема да ја парализира Унијата. Тој тврди дека ограничувањата би можеле да бидат ограничени и по време и по обем.
„Тоа може да засега само една или две области и не мора нужно да биде исто, или за исто времетраење за секоја земја-кандидат“, појаснува Суботиќ.
Блокманс пак вели дека од правен аспект таков механизам би можел да биде вклучен во договорите за пристапување. Сепак, прашањето останува политички многу чувствително бидејќи задира во суверенитетот и еднаквите права меѓу земјите-членки. Неколку земји од Западен Балкан и покрај тоа веќе сигнализираа отвореност за идејата. Албанија, Босна и Херцеговина и Србија сугерираа дека би прифатиле привремени ограничувања на правото на вето, доколку тоа помогне да се придвижи процесот на пристапување кон ЕУ.
Црна Гора како тест
Црна Гора пак не сака одложувања или транзициски аранжмани. Аналитичарите сметаат дека токму таа ќе биде последната земја што би влегла во ЕУ според актуелните правила и пред да се спроведат какви било подлабоки институционални реформи на Унијата. Блокманс и Суботиќ сметаат дека пристапувањето на Црна Гора би можело да послужи како тест за некои од новите механизми за проширување што моментално се дебатираат во Брисел.
Суботиќ очекува дека ЕУ ќе го искористи договорот за пристапување на Црна Гора за да воведе алатки за посилен мониторинг по пристапувањето, отколку што имаше во претходните кругови на проширување, особено во области како што се владеењето на правото и назадување на демократијата.
„Може да се очекува дека Црна Гора ќе стане заморче за истражување на ограничувањата на преодните аранжмани и заштитните клаузули“, вели Блокманс за ДВ истакнувајќи дека договорот за пристапување што моментално се подготвува, би можел да стане образец за идните проширувања на ЕУ.
Извор: DW/ Авторка: Сања Кљајиќ


