ИНТЕРВЈУ ꟾ Ана Пејчинова зборува за своето 15-годишно искуство во Авганистан: Постои нешто жилаво во нас што трага по интензитет на постоењето
Книгата „Пустинско срце“ од Ана Пејчинова, која излезе во издание на „Или-Или“, е заснована на сеќавања на вистинити настани со кои авторката го раскажува своето искуство од петнаесетгодишниот живот и работа во Авганистан.
Препорачано
Писателката и поетеса Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош.
На македонски јазик има објавено четири збирки поезија: „Деогае“ (1995), „Ѕверот и проѕирот“ (1997), „Златните раце на демонот“ (1999) и „Чувари на малите нешта“ (2025). Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија, а „Чувари на малите нешта“ беше финалист за наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за најдобра поетска збирка во 2025 година. Пишува и проза: објавени се нејзините раскази „Авгански дневници“ (2008) и документаристичкиот роман „Пустинско срце: Петнаесет години во Авганистан“ (2026).
Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторирала на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006).
Работела и како психолошки советник во Прага и во Скопје, а повеќе од петнаесет години дејствувала во рамките на Обединетите нации и УСАИД, најчесто во воени и кризни региони, како постар советник во меѓународен развој и хуманитарна помош. По сите професионални патешествија се врати во Скопје и одлучи сето тоа уметнички да го документира во своите нови книги.
Издавачот „Или-Или“ ја објави твојата книга со документаристичка проза „Пустинско срце: Петнаесет години во Авганистан“. Какви мисли те поттикнаа да ја напишеш книгата?
– Веќе три години не работам како советник во меѓународен развој, а се вратив на книжевноста, со котва во Скопје. Во текот на речиси две децении бев директно или индиректно во врска со Авганистан. Овој долг период во туѓа култура, нурната во необичен живот помеѓу необични луѓе, остануваше речиси сосем нем и нераскажан со години. Лани ја прочитав „Граница“ од Капка Касабова, книга што ми покажа како можам да го преточам тоа искуство во една заокружена приказна, за македонските читатели. Излезе книга што спојува документаристика, акција, етнологија, археологија и политика, раскажана низ книжевни вињети на авантури, бруталност, црн хумор и поезија.

За еден друг медиум, пред 20-ина години, направивме интервју додека беше во Авганистан. Каква тежина денес носат сеќавањата на тој период од животот?
– Кога го правевме претходното интервју во 2008 година, Авганистан ми беше веќе влезен во крвта. Тоа беше подемот на едно патешествие што почна во 2004 година. Во наредните години, дојде до врвот на патешествието, некаде 2011-та, година на пресврт во Авганистан, кога почна долгото опаѓање на безбедноста и авантурата. Потоа дојдоа, и полека изминаа, корупцијата, смртта и жалењето на тој свет. На крајот, остануваат само приказните, за луѓе, места и настани што ги нема веќе и нема да се повторат. „Пустинско срце“ се фокусира на подемот и врвот на тоа искуство, а на последните страници дава и завршница: падот на Кабул во 2021 година и мојата работа на книгата, кога „наместо Хиндукуш, над мене се крева благото Водно. Наместо оружје, под постелата ми се крие едно мало маче“.
Веќе во воведот на книгата го стави прашањето „Што прави една фина девојка во земја како Авганистан?“, кое своевремено ти го поставувавме повеќето твои познајници. Каква „сила“ те однесе таму?
– Иронијата на „финоста“, спротивставена на „грубоста“, верувам, дава развоен пат во книгата. Од наивност и неискуство, до екстремно проширени параметри на она што е човечко, на она што е можно да се преживее и да се прифати. И притоа да се сочува парче срце за благодарност и око за убавина.
Сосем случајно почнав со работа во Авганистан. Она што постојано ме гонеше да се враќам беа убавината на дивите предели меѓу масивот Хиндукуш и јужните пустини, истражувањата на паштунската племенска култура во свет на древни традиции и модерна технологија, како и исклучителните ликови со кои што се среќавав. Интензитетот на животот никогаш не бил посилен од оние денови кога одев по авгански села да фотографирам и да интервјуирам традиционални Авгани под нивен покрив, под нивни услови. А одев во тим со понекогаш еднакво исклучителни странци од цел свет, секој со своја приказна. „Пустинско срце“ раскажува приказни и на Авгани и на луѓе од Австралија, Африка и САД со кои се сретнав во Авганистан, често груби, но секогаш со смисла.

Авганистан со децении е жариште на различни војни, а многумина го сметаат за опасно место. Какво беше чувството да се биде таму, цели 15 години?
– Опасноста беше дел од стварноста, и со годините раснеше. Ако човек се прекрши и научи да го носи стравот скротен под рака, како свој верен чувар, но не и господар, тогаш само параметрите на „нормалност“ се менуваат. Ја имав таа среќа веќе првата година во Кабул да бидам изложена на „опасно живеење“ и смртта да ме погледне во лице низ распарчен прозорец, што се раскажува во книгата. После беше веќе полесно да се прифаќа опасноста. Во друга крајност, последните години во Кандахар, до 2012 година, луѓе околу нас гинеа, знаевме дури и колку Талибан нудеше за нашите глави, а сепак останувавме во градот од некој чуден пркос. „Пустинско срце“ раскажува и за еден необјаснив „сребрен глас“ и бели пердувчиња што се јавуваа среде сите опасности. Мора нешто одгоре да ме чуваше. Не нѐ зачува сите.
Од друга страна, присуството на опасноста носи неспоредлива возбудливост на живеењето. Ова не се наоѓа лесно во безбедноста на цивилизацијата. Постои нешто жилаво во нас што трага по интензитет на постоењето. Кога се чувствуваме најживи? Оние луѓе што се занимаваат со екстремни и опасни спортови, верувам, го бараат тоа искуство: повеќе, посилно, подалеку, побрзо, повртоглаво, поопивно… Додека човек не се скрши. Опасноста мора да е дел од смисла, а не цел сама по себе, инаку нејзината привлечност станува само неплодна зависност од адреналин.
Што за еден странец значи да успее да опстојува во екстремни пустински околности меѓу Авганите?
– Живеев во привилегирани услови како странец, со струја, вода, храна и со безбедност гарантирана со оружје, што е ретка привилегија за еден Авган. За начинот на живот на авганските племиња сведочев и прашував, но не морав да ги живеам на своја кожа. Никогаш не преноќив под авгански кров, за жал, ни беше забрането. Сепак, со Авганите делевме секојдневие, ручек, грижи, муабет – а бев онолку љубопитна колку што авганската пристојност дозволуваше – често, заедно стоевме среде непредвидливоста на животот, заедно се смеевме и тажевме. Од нив научив длабоко да го ценам она што е дадено и со лесно да го пуштам она што не е.

Како во такви околности човек ја сфаќа вредноста на животот?
– Екстремните доживувања ги соголуваат илузиите за животот, за луѓето и за себе, мошне нагло и одлучно. Ако човек го издржи тоа соголување, она што останува по илузиите е непреводливо и трајно. Од тоа место во себе, човек појасно го согледува чудото на животот и драгоценоста на сегашниот миг. Го мери секој збор и благодари на секој залак и голтка, на секој ден од животот и на пријателска рака. И подава залак, голтка, благ збор и рака од истото место во себе.
Колку духовноста на странецот е неопходен предуслов да ја препознае духовноста на околината?
– Колку што убавината е во окото на набљудувачот, толку е и духовноста во духот на сведокот. Начинот на којшто го доживеав Авганистан, верувам, зависеше од моите наклоности, во голема мера. Други луѓе со кои го делевме истиот свет ретко уживаа во иста мера во величественоста на пределите низ кои патувавме. Ретко ги интересираа древната историја на земјата, културата или племенските обичаи на Паштуните.
На варварин туѓоста му се чини варварска, на естет – убава, а на духовник – духовна. Најчесто, човек верува дека „она што не ме допира не е важно“. Духовноста значи да се допушти осетот да се прошири надвор од ова тело, човек да биде допрен од времиња и постоења што не се директно врзани со сопственото физичко преживување. Вистинската духовност, така, значи и ранливост, затоа и не е толку популарна. Да нѐ боли туѓата болка, да нѐ радува туѓата радост, кога никаква корист немаме од тоа, но имаме душа што се шири при таков допир.
Духовноста е предуслов за нешто што е туѓо да се доживее како свое, да се прими како интегрален дел од себе. Ова не подразбира само убавина и сочувство, туку и свирепост и болка. Духовноста ја прима и темната страна на природата и луѓето, еднакво како и светлата. Темната страна е она што ја прави вистинската духовност уште понепривлечна. „Пустинското срце“ е она што се раширува толку далеку, што ја прегрнува и темнината, и своја и туѓа. Во книгата раскажувам за низа свирепости што ги сведочев, но и за еден миг кога морав да одлучам дали сум способна да убијам човек.

Откако се врати во Скопје, дали твоето пустинско срце повторно стана човечко?
– Всушност, „пустинското срце“ е проширена и прочистена верзија на обичното „човечко“ срце полно со илузии, стравови и желби со кое отидов во Авганистан во 2004 година. Човечкото срце таму препукна како корупка околу јадро, а јадрото беше во пустината. Што по враќањето во Скопје? Епилогот на книгата раскажува, дека сега, живеејќи во природа на падините на Водно, полека се здобивам со „водно срце“. Мојата последна збирка поезија „Чувари на малите нешта“ („Или-Или“, 2025) оди рака под рака со „Пустинско срце“. Токму во малите нешта, чии сме чувари, последниве години откривам благодат: стих, животинче, ливче, здив, зрак и миг. Длабоката нежност исцелува.

Во твоето творечко портфолио има поезија, проза, трудови од областа на политичките науки, психологијата и филозофијата. На што во иднина ќе му дадеш приоритет за творење?
– Идеите не ги барам; тие сами ме наоѓаат, и кога ќе ме зграпчат, страстно поаѓам со нив. Како што и „Пустинско срце“ лани ме зграпчи и ете, излезе обемна книга. Поезијата не ме испушта од раце, за што сум благодарна. На мојот професионален живот формално му ставив крај, и сега остануваат видливи и невидливи дела на творештво, мисла и работа. Она што само доаѓа без да го барам, дали е тоа препев на Руми, патешествие во Иран, или мојот двор за косење. Ова е бесценета привилегија: одмор од вревата на светот. Право на молк, на невидливост, на немушт слев со природата. Време за инспирација. Малку нешта се вредни да опстојат по нас. Поезијата и приказните остануваат.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 340, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.7.2026)


