Излезе вториот број на списанието „Стожер“ на ДПМ за 2026 година
Друштвото на писателите на Македонија го објави списанието „Стожер“ бр. 2 за 2026 година со уводник од Марина Мијаковска, главна и одговорна уредничка на „Стожер“ бр. 1 и бр. 2 за 2026 година.
Препорачано
Во содржината на списанието има прилози за јубилејот триесет години „Книжевен жезол“ на ДПМ и за лауреатите Ристо Василевски (Македонија) и Роза Бојанова (Бугарија); за признанието за „Стожер“ на манифестацијата „Во чест на поетот“ во Штип; интервју на Тони Димков со добитниците на годишните награди на ДПМ за 2025 година – Оливера Ќорвезироска, Бранко Цветкоски, Хана Корнети, Елизабета Шелева и Ахмет Селмани.
Списанието ги одбележува годишнините на Оливера Николова, Михаил Ренџов, Васил Пујовски и Петко Шипинкаровски; има текстови на проф. Димитар Пандев за изучувањето на македонскиот јазик во образованието и на проф. Васил Дрвошанов за почетниот влог на Круме Кепески во македонистиката.
Во „Стожер“ е објавена проза од Лидија Димковска, Јовица Илиќ, Трајче Кацаров, Атанас Д. Бојаровски, Хана Корнети и Маја Мојсова; поезија од Даниела Андоновска-Трајковска, Алдо Климан, Зоран Јакимоски, Сузана В. Спасовска, Ирена Павлова де Одорико, Ива Дамјановски, Лулзим Хазири, Анита Бошкова, Љерка Тот Наумова, Габриела Стојаноска-Станоеска, Жаклина Михајлова, Атанас Крлевски, Саво Костадиновски и Цветан Враживирски; краток прозен запис од Славе Ѓ. Димоски; театарска рецензија од Елена Пренџова; „времеплов“ низ ДПМ.
Книжевното списание „Стожер“ бр. 2 2026 може да се најде во просториите на ДПМ во Скопје и на веб-страницата на ДПМ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 340, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.7.2026)


