Сцена од претставата „Мит за Амазонките“ на „Арт денс театар“ од Грција

Грчката балетска претстава „Мит за Амазонките“ ќе има изведба на фестивалот „Охридско лето“

Публиката на фестивалот „Охридско лето“ на 17 јули, од 21 часот, на сцената „Долни Сарај“ ќе има можност да ужива во балетската претстава „Митот за Амазонките“ во изведба на „Арт денс театар“ од Грција, а во режија и кореографија на Артемис Игнатиу.

„Мит за Амазонките“ е танцов перформанс кој се базира на античкиот грчки мит за Амазонките, со музика специјално компонирана за оваа претстава.

Претставата се фокусира на двата најпознати мита поврзани со Амазонките, митот за кражбата на златниот ремен од страна на Херкулес и митот за борбата помеѓу Пентесилеја и Ахил, во која Ахил ја убива Пентесилеја, а потоа ѝ го отстранува сребрениот шлем кој ѝ го покрива лицето и вчудовиден од нејзината убавина, се вљубува во неа.

Театарската и балетска компанија „Арт денс“ премиерно ја изведува оваа балетска претстава во 2013 година за време на Културниот фестивал во музејот „Бубулина“ во Спетсес во Грција. Во 2014 година овој перформанс е избран од грчкото Министерство за култура да ја претставува Грција на Интернационалниот фестивал во Сус, како и на неколку други фестивали во Тунис.

Во 2017 година во рамките на културната соработка помеѓу Грција и Кина, „Амазонките“ се играат во Гуанжу и во Шунде-Фошан, а во 2022 година се дел од активностите за одбележување на Тирана – европски младински град за 2022 година.

Театарската и балетска компанија „Арт денс“ настапува на бројни сцени и фестивали во Грција и надвор од неа. Тие се официјален претставник на Грција на 10. Танцов фестивал во Лимасол (Кипар) во 2007 година, а настапуваат на отворањето на 6. Фестивал на културата во Пекинг во 2008 година како дел од Културната олимпијада во Кина. Артемис Игнатиу е режисер, кореограф и уметнички директор на церемонијата на палење и предавање на Олимпискиот пламен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот