Прес-конференција на Прилепскиот театар за новата претстава

Прилепскиот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Ловецот во ‘ржта“ во режија на Мартин Кочовски

Претставата „Ловецот во ‘ржта“, според Селинџер во режија на Мартин Кочовски, е новата премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а премиерната изведба е на 16 јули во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Деталите за претставата беа откриени на прес-конференција во НУЦК „Марко Цепенков“, на која беше претставена екипата во претставата. Директорката на Центарот, Марија Попова Јованоска, посочила дека претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам и дека е трета премиера годинава.

– Го потврдуваме нашиот континуитет за создавање квалитетни продукции. Создаваме квалитетен театар и на нашата публика ѝ нудиме репертоар кој инспирира, поттикнува размислување и кој отвора важни општествени прашања – изјавила Јованоска.

Раководителот на Прилепскиот театар, Михајло Миленкоски, претставувајќи ја екипата во претставата, истакнал дека Мартин Кочовски е еден од режисерите со кој театарот ги жнееше најдобрите успеси.

Режисерот Мартин Кочовски, истакнал дека има чест да работи со најдобрата и уникатна екипа во Македонија, која може да реализира ваков проект.

– Проектот е грандиозен, а основната тема е за конфликтот на индивидуата во општеството – изјавил Кочовски.

За драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска, претставата говори за побуната против средината. Младата актерка Теона Крстеска, студент на ФДУ, истакнала дека ѝ било предизвик да биде дел од претставата, да игра со оваа екипа. Актерот Димитар Ѓорѓиевски изјавил дека секоја улога е предизвик, и големо задоволство е да се работи со режисерот Мартин Кочовски, кој експериментира во театарот.

Во претставата играат Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Теона Крстеска, Михајло Миленкоски, Ана Митоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Здравко Стојмиров, Александар Тодески и Игор Трпчески.

Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата на Филип Јовановски, костимографијата и светлото на Јулијана Војкова. Во музичкиот дел настапуваат Пеце Брада Трајковски, Давид Скерлевски, Ана Митоска, Илија Волчески и Димитар Ѓорѓиевски.

– „Ловецот во ‘ржта“ претставува побуна против конвенциите на средината – општествена, економска и интелектуална. Холден Колфилд е осамен и изолиран херој, или антихерој, или ни едното ни другото, кој не сака да ја прифати бесмисленоста на која постојано наидува – како во својата фамилија, така и во училиштата од кои го исфрлаат, во њујоршките локали и секаде каде што се движи. Исклучок од таа бесмисленост е единствено неговата помала сестра Фиби, која сака да ја заштити од средината во која тој самиот израснал.

Некаде меѓу детството и зрелоста, човек губи нешто што никогаш повеќе не успева да го има. Не станува збор за невиност, ниту за носталгично гледање кон минатото. Се работи за една форма на непосредност во односот кон светот – способноста да се гледа без однапред прифатени категории, безгрижно и љубопитно, да се именува лицемерието без страв, според сопственото чувство за вистина, правичност и сочувство. Штом созревањето подразбира такви одрекувања и компромиси, прашање е што останува од нас кога ќе ги исполниме сите општествени очекувања.

Холден Колфилд на моменти наликува на детинест, добродушен бељаџија кој постојано ги преиспитува и заобиколува општествените норми, но истовремено покажува раскошна природа на незапирлив багабонт кој предизвикува восхит со својата животна енергија. Неговата нетрпеливост не е насочена кон авторитетот сам по себе, туку кон лицемерието што станало негова основна одлика. Тој нема намера да ја прифати идејата дека сме осудени да живееме во свет во кој искреноста и индивидуалноста мора да бидат жртвувани во замена за сигурност и чувство на припадност. Она што најмногу восхитува кај Холден Колфилд е начинот на кој доживува и раскажува, како и неговата способност вешто да се ослободи од светот кога тоа ќе го посака. За некаков дуализам во ликот на Холден, се разбира, не станува ни збор: неговото Јас не е целина туку еден комплексен свет на многукратност и хаос од форми и состојби.

Токму во тоа се состои и длабоката сила на „Ловецот во ‘ржта“ – во можноста да се разбере позицијата на човекот распнат меѓу својата комплексна природа составена од противречности и општеството кое секогаш настојува да ја редуцира и некако да ја вкалапи таа комплексност – стои во драматуршката елаборација на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот