Албум „Македонија“ во изведба на унгарското дуо „Будапесме“

Албумот „Македонија“ на дуото „Будапесме“ ја носи автентичната македонска традиција на унгарската и на светската музичка сцена

Културниот центар „Balkan Heritage“ од Будимпешта го објави своето прво музичко издание под сопствена дискографска куќа, антологискиот албум „Македонија“ во изведба на унгарското дуо „Будапесме“.

Проектот претставува значаен исчекор во зачувувањето и промоцијата на богатото фолклорно наследство на Македонија. Албумот официјално е објавен и пуштен во продажба на 15 јули 2026 година и ќе биде достапен и во дигитален формат и на винил.

Албумот „Македонија“ содржи осум изворни македонски песни, како „Ајде сонце“, Подигни си бре невесте дулачето“, „Ој, Зарино прва севдо“, „Ибраим оџа“, „Море чичо рече“ и др. Златко Панзов го направи изборот на песните поаѓајќи од идејата да бидат застапени народни песни од сите делови на Македонија.

Во однос на текстовите се инсистираше на поголема автентичност, односно да бидат во духот на времето од кое потекнуваат, онака како што се изведувани од големите бардови на македонската народна музика: Кирил Манчевски, Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски.

Зад името „Будапесме“ стои дуото од Будимпешта, составено од Вероника Варга и Бенедек Рети, кои се споени од заедничката страст кон автентичната и емотивна македонска и балканска музика.

Златко Панзов, продуцент на проектот

Главен столб, иницијатор и извршен продуцент на овој обемен музички проект е Златко Панзов. Како културен менаџер, организатор на манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“, преведувач на унгарска книжевност на македонски јазик со повеќе од четириесет објавени дела и лектор по македонски јазик на престижниот Универзитет ЕЛТЕ во Будимпешта, Панзов е долгогодишен мост меѓу македонската и унгарската култура.

Како носител и реализатор на проектот „Македонија“, тој ги надгледуваше сите фази на продукцијата: од првичниот концепт, преку изборот на репертоарот, па сè до финалното оживување на грамофонска плоча. Златко Панзов е еден од основачите на Културниот центар „Balkan Heritage“.

Посебна уметничка тежина на ова издание му дава учеството на три еминентни имиња и виртуози на македонската музичка сцена: Наум Петрески, еден од највпечатливите вокали во историјата на македонската песна, синоним за македонскиот мелос и чувар на изворната традиција; проф. д-р Горанчо Ангелов, врвен виртуоз на гајда, амбасадор на македонското културно наследство и долгогодишен професор кој ги пренесува тајните на фолклорот на новите генерации; и Мишел Трајковски, еден од најталентираните современи хармоникаши, познат по уникатниот спој на македонскиот фолклор со џез и етно-елементи.

Покрај исклучителниот аудио-материјал снимен во професионалното студио „XL Момироски“ во Скопје, албумот се одликува и со извонредна визуелна компонента. Корицата и дизајнот на албумот се внимателно осмислени за визуелно да го рефлектираат длабокиот емотивен карактер на песните и македонската традиција правејќи го винилното издание вистинско уметничко парче за колекционерите. Фотографијата на корицата е на Јелена Белиќ, а графичкото решение на Богларка Фодор.

Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и целосна реализација на „Balkan Heritage Cultural Center“, чија што мисија е негувањето, зачувувањето и достоинствената меѓународна промоција на балканската традиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот