Работилница „Вештачката интелигенција во филмот“ во Дојран / Фотографија: „Преку езерото“

Иднината на кинематографијата со вештачката интелигенција е да се користи како алатка, а не како закана

Во рамките на годинашното издание на Фестивалот за балкански и медитерански филм „Преку езерото“, во изминатите два дена во просториите на „ЕУ хаус“ во Струмица и во Дојран се одржа стручна работилница на тема „Вештачката интелигенција во филмот“.

Настанот, кој предизвика голем интерес кај филмските професионалци и ентузијасти, беше реализиран со финансиска поддршка од програмата „Креативна Европа“.

На работилницата се говореше за иднината на кинематографијата под влијание на вештачката интелигенција, како и за трансформацијата на филмските професии. Главни говорници на настанот беа Милош Џукелиќ, филмски продуцент од Србија, Момчил Алексиев, експерт од Бугарија, и Наташа Димитриевска од Канцеларијата на „Креативна Европа“ во Македонија.

Српскиот продуцент Милош Џукелиќ порача дека филмските креативци не треба да чувствуваат страв од новата технологија, туку треба да ја искористат вештачката интелигенција како моќно орудие во својата работа.

„Сигурно ќе се промени состојбата во филмот, многумина ќе ја загубат работата, но победници на овој процес на користење на вештачката интелигенција ќе бидат оние кои ќе успеат да се прилагодат и кои ќе научат да ја користат и како креативно средство, но и како помагало. Тоа е, всушност, една совршена алатка доколку умееме да ја користиме, но и мошне опасна доколку не умееме. Би ја споредил со огнот кој може да запали нешто, а човекот, пак, кога го открил огнот завладеал со светот – така е и со вештачката интелигенција“, изјави Џукелиќ.

Во однос на неизвесноста што ја носи брзиот технолошки напредок, бугарскиот експерт Момчил Алексиев истакна дека иако е тешко точно да се претскаже иднината, филмската уметност дефинитивно ќе опстане, но со променети процеси на работа.

„Како и секоја нова технологија, и вештачката интелигенција доаѓа со прашањето дали ќе исчезнат некои професии или ќе се појават нови. Од денешен аспект може да се рече дека ќе се променат некои професии и некои процеси на работа. Ова е најточното што може да го кажеме во овој момент, бидејќи условите и технологијата напредуваат толку брзо што е тешко да се претскаже. Јас сум оптимист во поглед на тоа дека киното ќе остане кино и ќе гледаме филмови, макар биле снимени и со вештачка интелигенција. Но, сепак зависи од нас дали ќе финансираме такви процеси, како ќе ги регулираме и на кој начин ќе се пристапува кон неа“, заклучи Алексиев.

Работилницата успешно ги отвори клучните прашања за креативниот потенцијал, етиката, регулацијата и финансирањето на проекти кои користат AI алатки, потврдувајќи дека адаптацијата кон новите технологии е клучна за идниот развој на регионалната кинематографија.

Фестивалот за балкански и медитерански филм „Преку езерото“ завршува на 15 јули со доделување на наградите и со проекции на филмовите „Аналогни души“, краток филм од продукцијата на „Преку езерото“, и „Кармадона“ во режија на Александар Радивојевиќ од Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот