Плакат за премиерата на „Татко“ во режија на Иван Поповски / колаж

Премиерата на „Татко“ ја отвора годинашната драмска програма на фестивалот „Охридско лето“

Драмската програма на „Охридско лето“ почнува на 13 јули со премиера на театарската претстава „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, што ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 21 часот.

Претставата е во продукција на „Театарот на еден актер“, која е продолжение на продукцијата „Театар и филм – БМ“, основана во 2001 година од Бајруш Мјаку. Овој проект, по 25 години ги враќа Поповски и актерот Мјаку во заедничка претстава, по исклучителната „Дневникот на лудиот“ од 2001 година.

Покрај Мјаку, во „Татко“ играат и: Амернис Нокшиќ, Фисник Зеќири, Сабина Мемиши Асланај, Мелика Кастрати, Флакрон Алији. Сценографијата е на Енес Деари, а костимографијата на Изет Цури.

Оваа претстава ќе се надоврзе на претстави со висок уметнички квалитет, како што се: „Дневникот на лудиот“ од Гогољ, „Таткото“ од Стриндберг, „Вујко Вања“ од А. П. Чехов и ТВ филм „Татковите книги“ од Л. Старова. Во копродукција со Националниот театар Приштина, Албанскиот театар – Скопје и „Ibsen Award“ од Скиен, Норвешка, се реализираа мегапроектот „Пер Гинт“ од Х. Ибзен, „Сократовата одбрана“ од Платон, „Народен непријател“ од Х. Ибзен и „Се бара стар кловн“ од М. Вишњек. Воедно, со ликот на Таткото, Мјаку ќе ја заокружи својата блескава 53-годишна театарска кариера.

Иван Поповски е македонски режисер со руска „школа“, кој живее и работи во Москва повеќе од две децении. Тој е роден на 2 мај 1969 година во Скопје. Беше примен на театарска режија на Државниот институт за театарска уметност (ГИТИС) во 1988 година. Дипломира во 1993 година, во класата на познатиот руски режисер Пјотр Наумович Фоменко.

Во третата година од студиите, Поповски ја постави претставата „Авантура“, според драмата во стихови од Марина Цветаева, заедно со своите сокласници. Претставата се играше во ходникот на ГИТИС. „Авантура“ ја имаше својата премиера во 1991 година и го доби признанието од московската критика „Врв на сезоната“, за најдобра претстава на годината во Москва за сезоната 1991/92 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот