112-та седница За реконструкција на Владата - Фото Слободен печат - Методи Здравев
112-та седница За реконструкција на Владата - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Мицкоски испофали осуммина министри, па ги смени

Денес не се збогуваме со луѓе што не работеле, туку напротив, со луѓе што во различни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба. Од првиот ден кога ја преземавме одговорноста, кажав дека оваа влада нема да биде влада на комфор, туку влада на резултати, рече премиерот во експозето.

Иако работеле, биле чесни и луѓе со достоинство, како што самиот нагласува, премиерот Христијан Мицкоски реши да разреши осум министри од својот кабинет и порача дека оваа влада не е на комфор, туку влада на резултати и доверба и дека секој ден треба да се заслужува функцијата. Главна забелешка на опозицијата беше дека премиерот не кажал ниту една причина зошто министрите се разрешени и оцени дека станува збор за политички потег и увертира во предвремени парламентарни избори напролет догодина.

Мицкоски во обраќањето за смената на осумте министри, како и во експозето за предлогот за избор на новите министри, не пропушти да ја обвини опозицијата дека ќе конструира лаги дека Владата е неуспешна, додека тој преку факти го докажува спротивното. Тој порача дека пред пратениците не стои само предлог за избор на нови министри, туку предлог за нова енергија, ново темпо и за нова фаза во развојот на државата.

– Денес не се збогуваме со луѓе кои не работеле, туку напротив, со луѓе што во различни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба. Од првиот ден кога ја преземавме одговорноста, кажав дека оваа влада нема да биде влада на комфор, туку влада на резултати. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес покажуваме дека тој принцип важи еднакво за сите – рече Мицкоски.

112-та седница За реконструкција на Владата - Фото Слободен печат - Методи Здравев
112-та седница За реконструкција на Владата – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Според него, на реконструкцијата на Владата не треба да се гледа како на крај на нечија работа.

– Граѓаните заслужуваат јасно да ја видат разликата меѓу политиката што се задоволува со изговори и политика што носи резултати – рече Мицкоски.

Тој им се заблагодари на министрите што ги реконструира и додаде дека во изминатиот период чесно, одговорно и посветено ги извршувале функциите.

– На Зоран Љутков сакам искрено да му се заблагодарам за работата што ја направи во Министерството за култура. Најголем резултат е што културата повторно стана државен приоритет, што уметниците добија партнер во институциите, а културното наследство повторно доби внимание какво што заслужува и за тоа му благодарам – рече Мицкоски.

Тој му се заблагодари и на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски и рече дека најважно е што Владата повторно станува партнер на земјоделецот.
За министерот за правда Игор Филков, Мицкоски рече дека за две години биле подготвени 33 реформски закони.

– Благодарност и до Азир Алиу, кој раководеше со еден од најсложените ресори во Владата. Здравството е систем што секој ден носи нови предизвици. Тоа е ресор во кој секој успех изгледа мал, а секој проблем изгледа огромен. Сакам да му се заблагодарам и на Фатмир Лимани, кој чесно, одговорно и посветено ја извршуваше својата работа во ресорот социјална политика, демографија и млади. Со Фатмир се познаваме долго време, сме работеле, работевме и ќе работиме – рече Мицкоски.

Тој повтори дека од опозицијата наследиле разнишани институции, нарушени јавни финансии.

– Имате поранешни министри што се дел од вашата пратеничка група, а обременети со скандали и сомневања за сторен криминал. Наместо да ја обединувате државата, оставивте длабоки политички и општествени поделби – рече премиерот.

Тој додаде дека ова не е избор само помеѓу две политички партии туку избор помеѓу две визии за Македонија.

112-та седница За реконструкција на Владата - Фото Слободен печат - Методи Здравев
112-та седница За реконструкција на Владата – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Ние не бараме граѓаните да ни веруваат на збор. Бараме да ги споредат двете визии. Да го споредат она што беше со она што денес се создава. Да ги споредат годините на застој со годините на обнова. Верувам дека Македонија заслужува повеќе. Заслужува држава што ќе биде силна, достоинствена и успешна. Држава што нема да живее од минатото, туку ќе ја гради својата иднина со работа, чесност и одговорност – рече Мицкоски.

Координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов оцени дека реконструкцијата е политички пазар меѓу владините партнери и увертира во предвремени парламентарни избори напролет следната година. Според него, по реконструкцијата ЗНАМ ќе излезе многу послаба.

– ЗНАМ е краткорочен проект и ќе стане вагон партија на ВМРО-ДПМНЕ. Тие го прекршија основното правило да не влегуваш во коалиција што не можеш да ја срушиш. Вреди излегува посилна, им се зајакнува позицијата во однос на ДУИ пред избори напролет. Реконструкцијата е подготовка на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори – рече Крмов.

112-та седница За реконструкција на Владата - Фото Слободен печат - Методи Здравев
112-та седница За реконструкција на Владата – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ ја критикуваше работата на министерот за култура Љутков, додека Јована Мојсовска од Левица се осврна на ресорот здравство.

– Дочекавме да назначиме и трет министер за здравство, ама лица со хемофилија уште го чекаат лекот. Добивме повеќе министри отколку што се изградени клиники за 35 години. Денес ќе го избереме 20-тиот министер за здравство, а има болница во Кичево што е почната да се гради од времето на социјалистичка Македонија – рече Мојсовска.

 

Халил Снопче рече дека не слушнал зошто Мицкоски ги разрешува министрите.

– Го слушнавме премиерот дава предлог за разрешување, а од друга страна ги фали министрите. Тоа е оксиморон. Ако биле добри, зошто ги разрешувате? Не слушнавме причини зошто ги разрешувате, ова е леб и игри дајте им на луѓето спектакл за да не се занимаваат со вистинските проблеми – рече Снопче.

Халил Снопче Фото: Принтскрин

Илире Даути од Албанска лига му порача на Мицкоски да се смени себеси, односно да постави премиер Албанец, бидејќи Иван Стоилковиќ со еден отсто застапеност ќе биде министер за локална самоуправа на 80 општини. И таа праша зошто се разрешуваат министрите.
Мицкоски во експозето за избор на новите министри порача дека секоја генерација добива свој момент на одговорност, момент во кој не одлучува само за сегашноста, туку и за правецот во кој ќе се движи државата во годините што доаѓаат и дека верувам дека денес е токму таков момент.

– Денес стојам пред вас за да кажам дека најважниот дел од работата допрва започнува. Затоа што државите не се градат за две години. Министерската функција не е привилегија. Таа е одговорност. Денес пред вас предлагам луѓе кои доаѓаат со различни професионални искуства, но со иста обврска – да работат чесно, одговорно и со чувство дека секој ден што ќе го поминат на функцијата им е даден од народот и му припаѓа на народот – рече Мицкоски.

Мицкоси рече дека Македонија отсекогаш била најсилна тогаш кога знаела да се обедини околу големите цели.

– Затоа, денес, ве повикувам да ја продолжиме оваа мисија со повеќе мудрост отколку суета, со повеќе единство отколку поделби и со цврста увереност дека нашата најголема обврска не е кон оваа генерација политичари, туку кон идните генерации македонски граѓани. Нека тие еден ден кажат дека ова беше времето кога Македонија поверува во себе. Времето кога престана да се задоволува со малку и почна да се стреми кон големи цели. Времето кога државата не беше само место во кое се живее, туку идеја во која повторно се веруваше. Тоа е визијата што ја нудиме, тоа е обврската што ја преземаме и тоа е иднината за која вреди да работиме заедно – порача Мицкоски.

Разрешени осум министри

Собранието со поединечно гласање разреши осум министри од кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски откако за нив парламентот водеше единствен претрес за нивната работа. Најмногу пратеници гласаат за разрешување на министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ кој беше разрешен со 95 гласа. За разрешување на министерот за правда Игор Филков гласаа 83 пратеници. За разрешување на министерот за земјоделие Цветан Трипуновски гласаа  92 пратеници додека за Фатмир Лимани да замине од функцијата гласаа 85 пратеници и еден гласаше против. Министерот за локална самоуправа Златко Перински е разрешен со 87 гласови, а министерот за култура Зоран Љутков со 91 глас „за“. Министерот без ресор Шабан Салиу е разрешен со 85 гласови. Впечатливо е дека министерот за здравство Азир Алиу е разрешен со 80 гласа, тројца пратеници се изјаснија дека се „против“ разрешувањето, а тројца пратеници останаа воздржани.

112-та седница За реконструкција на Владата - Фото Слободен печат - Методи Здравев
112-та седница За реконструкција на Владата – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Кои се новите предлози за министри

За министер за правда Мицкоски го предлага Јетон Шасивари, универзитетски професор и од него очекува неговото знаење, професионален интегритет и академско искуство да бидат ставени во служба на правосудниот систем во кој граѓаните ќе имаат доверба. Агон Ферати за министер за односи меѓу заедниците кој своето професионално искуство го градел преку европски проекти, за министер за земјоделство Борче Серафимовски, човек кој добро го познава функционирањето на ресорот. За министер за здравство – Сашо Клековски од кого очекува со нова енергија да продолжат реформите што ќе обезбедат поквалитетни услуги.
За министер за социјална политика, Ѓоко Велковски бидејќи демографијата станува едно од најважните државни прашања. За министер за локална самоуправа – Иван Стоилковиќ за
секоја општина да има можност да се развива. За министер за култура и туризам – Седат Сулејмани и очекува тој ресор да биде еден од двигателите на новиот развоен циклус.
За министер без ресор е предложен Ерџан Демир.

Цеков и ЗНАМ со меѓусебни обвинувања за тоа кој шурува со Заев

Расправата за изборот на новите министри почна со судир на независниот пратеник Миле Цеков со поранешните сопартијци од ЗНАМ. Цеков ги обвибни за лицемерие и гневот го истури на актуелниот министер за јавна администрација Горан Минчев, кој не е меѓу прдлозите за разрешување.

Миле Цеков Фото: Принтскрин

-Најголемиот лицемер кој седи во Владата е Горан Минчев. Говореше за асномски принципи и дека принципите немаат цена. И додека зборуваше з апринципи дека ЗНАМ не влегува во Влада со ДУИ, откако стана министер потпиша договор за набавка на готиво од „Пуцко петрол“ чиј сопственик е Исмаил Јахоски од ДУИ. И директорот за пензиско Никола Мемов склучи договор за набавка на мазут со „Пуцко петрол“. Проблемот не бил во ДУИ туку што некој не бил министер. Толку ли чинеа црвените линии – праша Цеков.

Бобан Карапејовски од ЗНАМ му одговори дека Минчев не е предложен за реконструкција и дека тоа го зборува бидејќи министерот работи.
Цеков и потпретседателката на Собранието Весна Бендевска ја обвини за лицемерие. Тој прочита порака која Бендевска му ја напишала на Зоран Заев.

-Ти благодарам многу. Ти се срце, душа од човек – пишувало во пораката.
Бендевска не ја негираше пораката, само рече дека таа е доказ дека Цеков има директен линк од пораката на Заев.

Собранието разреши осум министри, Стоилковиќ доби најмногу гласови за да замине од функцијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот