Медикаментозен абортус отсега се нуди во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола
ХЕРА и Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола го отворија првото советувалиште за медикаментозен абортус надвор од Скопје, проширувајќи го пристапот до безбеден абортус и современи услуги за сексуално и репродуктивно здравје во Македонија. Ова советувалиште, покрај тоа во Скопје, е второ во рамки на јавното здравство. Со тоа, за првпат жените од Пелагонискиот регион, како и од соседните региони, добиваат пристап до оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење, што е предуслов за навремена, достапна и реално остварлива услуга.
Препорачано
Со отворањето на советувалиштето во Битола значително се намалуваат географските, финансиските и организациските бариери со кои досега се соочуваа жените од Пелагонискиот регион и пошироко, а особено жените од руралните средини, ранливите и маргинализираните заедници, за кои патувањето до Скопје често претставуваше дополнителен товар и пречка за навремен пристап до здравствена грижа.
Советувалиштето во Битола е воспоставено по моделот развиен на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, каде услугата успешно се обезбедува од 2021 година.
Во рамки на партнерството со ХЕРА беа адаптирани просторот и условите за работа, набавена е потребната медицинска опрема, обучен е здравствениот тим, а преку менторство и размена на практични искуства од страна на експертите од Универзитетската клиника се воспостави нов и одржлив капацитет во рамки на јавното здравство, велат од ХЕРА.

Директорката на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“, специјалистот доктор Ненси Лозанче вели дека како јавна здравствена установа, нивна обврска е постојано да ги развиваат услугите што им ги нудат на граѓаните.
Отворањето на ова Советувалиште е дел од таа заложба – да воведуваме современи здравствени услуги, да ги јакнеме капацитетите на здравствените работници и да градиме болница во која пациентите имаат доверба. За една јавна здравствена установа, воведувањето на нова здравствена услуга е истовремено и можност и одговорност. Затоа особено ја цениме соработката со ХЕРА и стручната поддршка од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, кои ни помогнаа ова Советувалиште да го воспоставиме според највисоките професионални стандарди, посочи таа.
Специјалистот доктор Михајло Вангелов, раководител на Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, вели дека како гинеколози, нивна обврска е на пациентките да им обезбедат здравствена грижа што се темели на научни докази и современи медицински стандарди.
Со воспоставувањето на ова Советувалиште, жените за првпат ќе можат да добијат целосна здравствена услуга за медикаментозен абортус во нашата болница, во безбедна, доверлива и достоинствена средина, согласно препораките на Светската здравствена организација и националните клинички упатства, рече тој.
Отворањето на Советувалиштето во Битола претставува важен чекор кон зајакнување на репродуктивната слобода на жените и обезбедување еднаков пристап до квалитетни услуги за сексуално и репродуктивно здравје, смета д-р Велимир Савески, претседател на ХЕРА.
Медикаментозниот абортус е безбедна, високо ефективна и неинвазивна метода за прекин на бременоста, препорачана од Светската здравствена организација како стандарден дел од современата здравствена заштита.
Кога се обезбедува согласно клиничките упатства, методата е успешна во повеќе од 95 проценти од случаите, поврзана е со помал ризик од компликации и овозможува поголема приватност, достоинство и комфор за жените.
Податоците од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје за 2024 година покажуваат дека 93,5 проценти од сите абортуси биле извршени со медикаментозна метода, што јасно потврдува дека кога оваа услуга е достапна, жените ја препознаваат како безбедна и прифатлива опција.
Проширувањето на пристапот до современи услуги за сексуално и репродуктивно здравје претставува инвестиција во јавното здравство, но и во еднаквоста, достоинството и здравјето на жените. Само здравствен систем што обезбедува навремен и еднаков пристап до квалитетни услуги за сите, вклучително и за жените од ранливите и маргинализирани заедници, може вистински да одговори на потребите на граѓаните. Советувалиштето за медикаментозен абортус е воспоставено во рамки на проектот „Проширување на пристапот до безбеден абортус во Република Северна Македонија“, кој ХЕРА го реализира со поддршка од Safe Abortion Action Fund и Меѓународната федерација за планирано родителство, информираат оттаму.


