Тенерифе - Фото: pexels-harald-pippert

Избрани најдобрите европски острови за одмор во 2026 година — дури четири од првите десет се во Хрватска

Туристичката компанија „Сага Холидејс“ објави листа на најдобрите европски острови за одмор во 2026 година, по анализа на 80 острови ширум Европа. Во првите десет места се најдоа дури четири хрватски острови, што ја потврдува нивната сè поголема популарност меѓу туристите, пренесува „Еуроњуз“.

При рангирањето биле земени предвид три главни критериумивременските услови, понудата на храна и пијалаци и зачуваноста на природата. Најголема тежина во конечната оценка имала природната средина со 45 проценти, потоа временските услови со 35 проценти, додека гастрономската понуда учествувала со 20 проценти.

Најдобрите европски острови за одмор

Истражувањето покажува дека на листата доминираат шпанските и хрватските острови.

Првото место му припадна на Тенерифе, најголемиот остров од Канарските Острови, Шпанија, кој освои 95 од можни 100 поени. Според „Сага Холидејс“, островот се издвоил благодарение на прекрасната природа, квалитетната гастрономска понуда и големиот број сончеви денови.

На второто место се најде шпанскиот остров Ла Палма со 94 поени. Островот, познат и како „Убавиот остров“, е дел од светската мрежа на биосферни резервати. Третата позиција ја зазеде португалскиот остров Мадеира.

Во првите пет се пласираа и два хрватски острови – Корчула и Мљет, кој од компанијата е опишан како идеална дестинација за љубителите на активен одмор и недопрена природа.

Меѓу десетте најдобри места се најдоа и Лошињ и Брач.

Топ 10 европски острови за одмор во 2026 година:

1. Тенерифе (Канарски Острови, Шпанија) – 95 поени
2. Ла Палма (Канарски Острови, Шпанија) – 94
3. Мадеира (Португалија) – 93
4. Корчула (Хрватска) – 92
5. Мљет (Хрватска) – 90
6. Мајорка (Балеарски Острови, Шпанија) – 89
7. Лошињ (Кварнерски Острови, Хрватска) – 88
8. Брач (Хрватска) – 87
9. Гран Канарија (Канарски Острови, Шпанија) – 86
10. Ла Гомера (Канарски Острови, Шпанија) – 85

Канарските Острови се најсончевата дестинација

Во категоријата временски услови убедливо водат Канарските Острови. Тенерифе е прогласен за најдобра европска дестинација за љубителите на сонцето со 88 поени, пред Ла Гомера со 86 и Гран Канарија со 85 поени.

Според „Сага Холидејс“, Канарските Острови се најдобриот европски архипелаг и нудат идеален спој на сончево време, природни убавини и разновидни содржини за посетителите.

Италија е прва по гастрономија

Во категоријата гастрономска понуда, италијанските острови се највисоко оценети. Најдобро рангиран е Капри со 75 поени, познат по специјалитетите како што се салатата „Капрезе“ и равиолите „Капрезе“.

Второто место го зазеде Сардинија со 66 поени, додека трет е грчкиот остров Санторини со 65 поени, како единствен претставник надвор од Италија меѓу првите три.

Хрватска е лидер по зачувана природа

Кога станува збор за зелените површини и зачуваната природа, најдобро се покажаа хрватските острови.

Мљет е прогласен за најзелениот европски остров со 86 поени, пред Мадеира со 85, додека Корчула го освои третото место со 83 поени.

Од „Сага Холидејс“ истакнуваат дека Мљет, познат и како „зелениот остров“, сè уште не е толку посетен како Дубровник и Сплит, што го прави одличен избор за туристите кои сакаат мир, недопрена природа и активен одмор.

ФОТО+ВИДЕО | Од „европските Малдиви“ до скриениот грчки бисер — ова се најпотценетите крајбрежни дестинации во Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот