„Не се важни имињата на улиците, туку во каква постапка се донесени“ — Уставниот суд реагира на „обидите за политизација“ на неговите одлуки
Уставниот суд денеска ги критикуваше обидите за, како што велат, груба партизација и политизација која некои политички партии се обидуваат да ја наметнат со цел да ја зголемат сопствената визибилност на политичкиот простор, користејќи ги работата, одлуките, како и меѓународните активности на Судот. Се работи за одлуки поврзани со преименување на улици во одредени општини, за кои Судот вели дека нема никаква релевантност какви и кои се имињата на улици, школи, инфраструктурни објекти и слично.
Препорачано
„Тоа се политички одлуки кои ние не ги цениме, но она што е важно за Судот и за граѓаните е дали тие одлуки се донесени во законски пропишана постапка“, вњелат од Уставен суд.
Оттаму посочуваат дека Уставниот суд ќе остане доследен на својата уставна надлежност и независност и нема да подлегне на какви било политички притисоци, влијанија или обиди за дискредитација и ќе продолжи и да ја зајакнува својата меѓународна соработка . За Судот, недозволени и апсурдни се квалификациите од некои политички фактори дека одлуки на Уставниот суд се „неуставни” или „незаконски“.
„Согласно член 112 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, и општозадолжителни. Наместо да повикуваат на протести насочени дирекно против владеењето на правото, партиите е потребно да покажат вистинска посветеност кон европските вредности и потребите на граѓаните“, посочуваат од Судот.
Од таму апелираат политичките фактори да покажат поголема уставна и политичка култура и да работат во интерес на државата и граѓаните, а политичките разлики и партиските конфронтации да не се водат на грбот на владеењето на правото и на институциите кои се најповикани да го штитат уставниот поредок.
„Доказ за ваквото објективно и независно работење на Уставниот суд, базирано исклучиво врз оцена на уставноста и законитоста на прописите донесени од сите власти во државава се и одлуките за законитоста на постапката за преименување на улиците во Чаир. Оттука ги повикуваме сите политички чинители, да покажат одговорност и воздржаност во јавната комуникација и да се воздржат од ширење невистини и манипулации на сметка на единствената институција која е чувар на Уставот и на уставно правниот поредок на државата“, велат од Уставен суд.
Уставниот суд ја укина одлуката со која беа сменети имиња на улици во Тетово во 2007 година


