Згради станови / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Станови и кирии со солени цени, ама социјални станови во Скопје, Велес, Штип и Кочани нема да се градат

Во Собранието на расправата за ребалансот на буџетот, одбиен е предлогот на партијата Левица, државата да интервенира во цените на кириите и на становите кои вртоглаво растат, на начин што ќе се изградат социјални станови во Скопје, Велес, Штип и Кочани. Според пратениците на партијата, на ваков начин државата би можела да интервенира во пазар што според нив,  не функционира во интерес на граѓаните туку во интерес на капиталот.

-Наместо Владата заедно со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја искористат оваа расправа за конечно да ја претстават својата стратегија за справување со енормниот раст на цените на становите и кириите, јавноста беше сведок на неколкучасовен обид да се оправда постојната состојба со добро познатата неолиберална догма дека „пазарот самиот ќе го реши проблемот” и дека со поголема изградба цените на недвижностите неизбежно ќе почнат да паѓаат. Македонската реалност одамна ја демантира оваа теза, велат од партијата.

Во последната деценија Македонија доживеа вистински градежен бум.

-Скопје никогаш не било поплавено со толку многу нови згради, а речиси секоја населба беше претворена во градилиште. Но, паралелно со тоа, цените на становите се удвоија, додека само во последните две години бележат рекордни стапки на раст. Кириите, пак, прераснаа во финансиски товар кој сè поголем број млади семејства повеќе не можат да го издржат. Доколку логиката што ја брани Владата навистина функционираше, Македонија одамна ќе имаше подостапно домување. Наместо тоа, денес живееме во држава во која се градат сè повеќе станови што сè помалку граѓани можат да си ги дозволат, велат од Левица.

Причината, според Левица,  е што станбениот пазар одамна престана да биде пазар кој ја задоволува општествената потреба за домување.

Тој се претвори во простор за шпекулација, акумулација на капитал и остварување рента. Становите повеќе не се купуваат само за живеење, туку и како инвестиција, финансиски инструмент и средство за паркирање на капитал. Во такви услови, слободниот пазар нема ниту механизам ниту интерес да ја намали цената на домувањето, бидејќи единствената логика по која функционира е логиката на максимален профит. Токму затоа улогата на државата не е пасивно да издава градежни дозволи и целиот сектор да го препушта на приватните инвеститори, туку активно да интервенира преку изградба на јавен станбен фонд, достапни државни станови, регулација на кириите и даночни механизми против шпекулативното акумулирање на недвижности, посочуваат оттаму.

Според Левица, власта не понудила ниту една суштинска политика за домувањето, не посочила како ќе им помогне на младите да дојдат до сопствен дом, како ќе ги заштити граѓаните кои со години истовремено плаќаат и кредити и кирии поради неодговорни инвеститори, како ќе ја регулира експлозијата на кириите или како ќе ја спречи шпекулацијата со недвижностите.

Наместо стратегија, добивме одбрана на постојниот модел и напади врз опозицијата затоа што воопшто се осмелила да ја отвори оваа тема. Особено апсурдни беа обидите вината за високите цени на становите да се префрли врз Левица затоа што се спротивставува на криминални и коруптивни детални урбанистички планови. Левица никогаш не се борела против изградба на станови за граѓаните, туку против урбанистичката мафија која со години ги претвора градовите во средство за богатење на малкумина, додека квалитетот на животот на мнозинството систематски се деградира. Борбата против дивото и коруптивното урбанизирање не е причина за станбената криза – таа е борба против моделот што ја создаде. Не е случајно што Владата упорно одбива да отвори суштинска дебата за регулирање на пазарот на недвижности. Големите инвеститори и градежниот капитал со години уживаат привилегирана положба кај партиите што управуваат со државата, поради што секој предлог за државна интервенција, ограничување на шпекулацијата или намалување на екстрапрофитите веднаш се прогласува за „мешање во пазарот”, велат од Левица.

Оттаму сметаат дека во реалноста, не се брани слободниот пазар, туку се бранат интересите на оние кои најмногу профитираат од сегашниот хаос.

Вчерашната расправа уште еднаш потврди дека Владата нема политичка волја суштински да го решава станбеното прашање, затоа што секое вистинско решение неизбежно значи судир со интересите на градежниот капитал и урбанистичката мафија. За нив домот е стока, а не право; средство за профит, а не предуслов за нормален, човечки, достоинствен живот. Левица нема да се помири со таквата логика и ќе продолжи да се бори државата повторно да стане активен фактор во станбената политика, затоа што правото на дом не смее да зависи од висината на нечии приходи, ниту иднината на една цела генерација да биде заложник на туѓи профити. Сѐ додека политичарите од ДПМНЕ станбеното прашање го гледаат како извор на профит, а не како едно од темелните социјални права, и сѐ додека повеќе ги застапуваат интересите на инвеститорите отколку интересите на младите, работниците и семејствата кои не можат да обезбедат сопствен дом, Македонија нема да добие станбена политика – туку само политика за заштита на градежниот профит, се додава во соопштението од партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот