Фото: Агенција за управување со одземен имот

ФОТО | Џакузи на тераса со поглед на Скопје — становите на Груевски одат на аукција, само милионери ќе можат да си ги дозволат

Државата се надева на најмалку 2,46 милиони евра за трите луксузни апартмани, а јавното наддавање е закажано за 29 јули

Становите на поранешниот премиер Никола Груевски во комплексот „Панорама резиденс“, запленети во случајот „Плацови на Водно“ повторно се понудени на продажба. Државата ќе организира разгледување на луксузните апартмани на 16 јули, а јавното наддавање е закажано за 29 јули.

Фото: Агенција за управување со одземен имот

Два од апартманите се посебно пространи — имаат станбена површина од по околу 200 квадратни метри, како и тераси од нешто помалку од 50 квадратни метри. Според почетната цена од 850.000 евра или околу 4.250 евра по квадрат, јавното наддавање практично ќе биде резервирано за милионерите. Нешто поевтин, но и помал, е третиот апартман, со површина од околу 150 квадратни метри и балкон од 95 квадратни метри. Неговата почетна цена е 760.000 евра.

Фото: Агенција за управување со одземен имот

Државата се надева на најмалку 2,46 милиони евра за трите стана. На фотографиите кои ги објави Агенцијата за управување со одземен имот, се гледаат широки простории, големи тераси, луксузна опрема, џакузи на тераса и панорамскиот поглед кон Скопје. Два од апартманите и претходно биле понудени на продажба, но обидите завршиле без купувач. Државата пред околу една година успешно продаде два други стана на Груевски, на улицата „Бихаќка“ во центарот на Скопје.

Фото: Агенција за управување со одземен имот
Фото: Агенција за управување со одземен имот

Недвижностите беа одземени по судската постапка за „Плацеви на Водно“, во која поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на девет години затвор. Случајот се однесуваше на незаконско присвојување 1,3 милиони евра од партиски донации и нивно користење за купување земјиште и изградба на недвижности.

„Пламнаа“ становите на Груевски на „Бихаќка“, нема интерес за многу поскапите апартмани на Водно

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот