МНР / фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во МНР имало „средба со претставник на Албанската амбасада“ околу случајот на „Ќафасан“

Министерството за надворешни работи соопшти дека вчера била остварена средба со претставник на амбасадата на Албанија во земјава, во врска со ситуацијата од пред два дена на граничниот премин „Ќафасан“, кога на придружник на тројца државни функционери, членови на Вреди и етнички Албанци, не му беше дозволено да влезе во Албанија.

Соопштението е со забележливо поблаг тон и речник од оние лиферувани од МНР во сличните ситуации во минатото.

„Во духот на пријателските односи меѓу двете земји, соседи и НАТО-сојузници, на средбата беше побарана официјална информација од албанските власти во врска со настанот што се случи на граничниот премин Ќафасан, при кој на државјани на нашата земја не им бил дозволен влез во Република Албанија“, велат од МНР.

Владејачката партија Вреди претходно побара официјална информација од Тирана, откако завчера пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи, како и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, биле задржани еден час на „Ќафасан“, а албанските гранични служби не му дозволиле влез во земјата на четврти македонски државјанин, нивен придружник.

Генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, потоа на прес-конференција изјави дека граничната полиција „постапила во согласност со законот“.

„Трите лица со дипломатски пасоши беа информирани дека може да го продолжат своето патување. Четвртото лице, кое беше во нивно друштво, имаше законски пречки на границата и не можеше да патува во Албанија“, рече тој.

Хита додаде дека другите тројца граѓани самите одлучиле да се вратат во Македонија.

Според првиот човек на државната полиција, случајот не е изолиран, туку е дел од секојдневната работа на структурите на граничната полиција за гарантирање на спроведувањето на законот.

Во мај годинава, МНР го повика албанскиот амбасадор во земјава, Денјон Мејдани, кој во јавноста изнесе поддршка за барањата на дел од студентите-Албанци, кои тие денови протестираа барајќи да им се овозможи полагање на правосудниот испит на мајчин јазик. Во МНР тогаш не дојде амбасадорот Мејдани, туку неговиот заменик, кому му беше упатен устен демарш.

Албанскиот амбасадор Мејдани е повикан во МНР — тој го испратил заменикот, кој добил устен демарш

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот