Чарли Шин, наместо 15 милиони, ќе ѝ плати 500.000 долари алиментација на поранешната сопруга
Холивудскиот актер Чарли Шин и неговата поранешна сопруга Брук Милер го завршија долгогодишниот спор околу неплатената алиментација. Според постигнатиот договор, актерот ќе ѝ исплати вкупно 500.000 долари (околу 440.000 евра).
Препорачано
Судијата во Лос Анџелес ја потврдил спогодбата на 7 јули, а според судските документи, 60-годишниот Шин мора да плати половина од износот до денеска, 10 јули, додека преостанатиот дел треба да се исплати до 1 септември.
Во судскиот поднесок се наведува дека Шин се согласил на спогодбата откако „го разгледал ризикот од судски спор и поврзаните трошоци, па одлучил дека е подобро да се решат овие прашања отколку да се биде изложен на неизвесностите од судскиот спор“. Со тоа се заврши спорот околу неплатената алиментација и камата што се однесува на периодот од 1 март 2011 година до 1 јули оваа година.
Според договорот, Шин и 48-годишната Милер, кои ги имаат 17-годишните близнаци Боб и Макс, во иднина ќе ги сносат трошоците за грижа за децата додека се тие кај нив. Покрај тоа, Шин до 15 октомври ќе мора да плати 60.000 долари (околу 52.800 евра) за адвокатските трошоци на поранешната сопруга.
Спорот започна во декември минатата година, кога Милер поднесе тужба тврдејќи дека Шин ѝ должи речиси 9 милиони долари (околу 7,9 милиони евра) неплатена алиментација, со дополнителни повеќе од 6 милиони долари (околу 5,3 милиони евра) камата и 25.000 долари (околу 22.000 евра) судски трошоци.
Во судските документи, таа навела дека во април 2010 година, на Шин му било наредено да плаќа 55.000 долари месечно (околу 48.400 евра), но дека од јули 2011 година, тој не ги подмирувал редовно овие обврски.
Шин и Милер беа во брак од 2008 до 2011 година, а нивната врска беше обележана со бројни проблеми, вклучувајќи борба за старателство над децата, одење на лекувања од зависност и инцидент во 2009 година кога актерот наводно ѝ се заканувал со нож на Милер.
Според сегашниот договор, тие делат заедничко старателство над синовите, но под услов Милер да остане трезна. Доколку таа биде позитивна на тестот за дрога или алкохол или доживее рецидив, Шин ќе добие единствено старателство во исчекување на нова судска одлука или друг писмен договор меѓу поранешните сопружници.
Иако тие делат физичко старателство, судските документи наведуваат дека примарното живеалиште на момчињата е кај нивниот татко.
И покрај нивното турбулентно минато, нивниот однос стана помирен во последниве години, а поранешните сопружници повремено јавно покажуваа поддршка еден кон друг.
Во 2019 година, Шин ја коментираше одлуката на Милер да побара помош во центар за лекување траума и зависност велејќи за американскиот портал ТМЗ: „Мислам дека е на вистинското место. Се надевам дека ќе ја добие потребната помош. Ние сме тука за неа секогаш кога ќе се јави. Таа знае каде може да нè најде“.
Освен близнаците што ги има со Брук Милер, Чарли Шин ги има ќерките Сами и Лола со поранешната сопруга Дениз Ричардс, а ја има и ќерката Касандра Џејд Естевез од претходната врска со Паула Спирит.
И самиот Чарли Шин имаше големи проблеми со зависноста со дрогата и со промискуитетниот начин на живот. Како последица на тоа, актерот веќе со години живее со ХИВ.
„Денот кога ја добив дијагнозата сакав да се застрелам, но мајка ми беше со мене и немаше како тоа да го направам. Полесно ми беше кога ми дадоа таблети и ми рекоа дека ќе живеам“, изјавил актерот и изрази благодарност за лекарската помош прикажана при борбата со болеста од која страдаат повеќе од милион и двесте илјади луѓе во САД.
Актерот ја откри дијагнозата јавно во ноември 2015 година.
Поранешниот најплатен телевизиски актер Чарли Шин денес живее сосема поинаков живот. Додека го промовираше својот нов документарец на Нетфликс, под името „Како Чарли Шин“, тој откри дека е трезен и во целибат речиси една деценија.
Чарли Шин за сексуалните односи со мажи: „Плаќав за да се чува тоа во тајност“


