ФОТО | Биле заедно уште пред славата, не можеле да имаат деца — Бони Тајлер го запознала својот „херој“ пред 52 години
Светот на музиката денеска се збогува со еден од најпрепознатливите гласови на рок сцената. Бони Тајлер, жената чиј рапав глас обележа генерации со хитови како „Total Eclipse of the Heart“ и „Holding Out for a Hero“, почина на 75-годишна возраст. Зад големата кариера, милиони продадени плочи и светска слава се криела мирна љубовна приказна – онаа со човекот што го запознала долго пред да стане ѕвезда.
Препорачано
View this post on Instagram
Бони Тајлер ќе биде запаметена како жена со моќен глас, но зад нејзините најпознати песни стоела едноставна желба – да има некој што ќе остане покрај неа. И навистина имала.
Додека публиката ја памети како силна жена која пееше за потрагата по херој, Бони Тајлер го пронашла својот херој уште во седумдесеттите години – во Роберт Саливан, мажот кој бил покрај неа пред нејзиниот прв голем успех, низ годините на слава, но и низ најтешките моменти од животот.
View this post on Instagram
Љубов што започнала пред светската слава
Пред да стане позната како Бони Тајлер, пејачката била само млада девојка од Велс која пеела во локалните клубови. Нејзиното вистинско име било Гејнор Хопкинс, а кариерата ја градела настапувајќи на мали сцени, далеку од рефлекторите на големите сцени.
Токму тогаш, пред да стане меѓународна ѕвезда, го запознала Роберт Саливан. Нивната средба се случила во раните седумдесетти години во клуб во Свонси, каде што Роберт работел како менаџер. Бони подоцна раскажала дека веднаш ја привлекол неговиот изглед, но и неговата љубезност и смиреност.
„Беше толку згоден“, се присетила Бони во едно интервју, опишувајќи ја нивната прва средба.
Роберт не бил само човек од музичкиот свет. Пред да се посвети на работата со недвижности, бил успешен џудист и ја претставувал Велика Британија на Олимписките игри во Минхен во 1972 година.

Нивната врска започнала додека Бони сè уште го градела своето име, а се венчале во 1973 година, кога таа имала само 22 години. За разлика од многу љубовни приказни од светот на познати личности, нивната не започнала по славата – туку долго пред неа.
Својот „херој“ го пронашла пред да стане ѕвезда
Судбината била необична: жената која подоцна отпеа еден од најголемите хитови за чекање на „херојот“, всушност, веќе го имала покрај себе.
Бони со години зборувала дека Роберт ѝ е најголема поддршка. Како што растела нејзината кариера, додека доаѓале милионите, турнеите и светската слава, тој останал личноста на која се враќала кога ќе се изгаснат светлата на сцената.
Нивниот брак траел повеќе од 50 години, што е вистинска реткост во светот на забавата. Двојката поминала низ подеми и падови заедно, а Бони често истакнувала дека токму нивниот однос е нејзиното најголемо животно богатство.
Бони често истакнувала дека нејзиниот сопруг ѝ помогнал да остане приземјена и покрај славата. Во интервју за „Гардијан“, таа рекла дека нејзиниот професионален успех не би бил ист без него бидејќи тој бил многу добар во управувањето со финансиите и инвестициите.
„Роберт секогаш беше покрај мене. Без него, немаше да имам ни половина од мојот успех“, зборувала пејачката, нагласувајќи колку ѝ е важно сопругот да биде дел од нејзиниот живот и во текот на турнеите.

Најголема тага: сакале деца, но не ги добиле
Иако имале долг и исполнет брак, една голема желба им останала неостварена – Бони и Роберт не станале родители.
Бони отворено зборувала дека тоа ѝ било една од најголемите животни таги. Таа и Роберт на почетокот го одложувале родителството, бидејќи нејзината кариера доживеала огромен успех. Кога конечно одлучиле да се обидат, пејачката имала 39 години.
Таа забремени многу брзо, но за жал, бременоста завршила со спонтан абортус. Таа загуба длабоко ја погодила, а последователните обиди не довеле до нова бременост.
Сепак, Бони никогаш не дозволила таа болка да ја дефинира. Зборувала дека била опкружена со големо семејство, сестри, братучетки, внуци и внуки, на кои им пружала љубов.
Тајната на нивниот долг брак
Во едно интервју, Бони, одговарајќи на прашањето за тајната на речиси 50 години долгиот брак, рекла дека најважно е што се сакаат и што не им е здодевно заедно. За неа многу значело тоа што Роберт ја поддржувал нејзината кариера и често патувал со неа.
„Сè уште сум многу заљубена во него, како што е и тој во мене“, рекла претходно Бони, додавајќи дека нивната врска се засновала на љубов и меѓусебно почитување.
Глас што стана легенда
Бони Тајлер остави неизбришлива трага во музиката. Нејзината кариера експлодираше кон крајот на 1970-тите, со хитови како „It’s a Heartache“, „Total Eclipse of the Heart“ и „Holding Out for a Hero“ што ѝ донесоа светска слава.
Таа беше особено препознатлива по својот уникатен, рапав глас, кој стана нејзин заштитен знак по операцијата на гласните жици кон крајот на седумдесеттите години. Токму овој необичен вокал подоцна ја издвои меѓу многу пејачи од нејзиното време.
Иако постигнала светска слава, Бони останала приврзана кон своите корени и приватниот живот. Со Роберт го делела времето помеѓу Велс и Португалија, далеку од холивудските скандали и минливите романси.
View this post on Instagram
ВИДЕО | Сите ја сакаме, но малкумина ја знаат мрачната инспирација зад моќната балада на Бони Тајлер


