Анче почина на денот кога требаше да славиме, зборуваше маестро Александар Џамбазов за својата сакана
Голема празнина му остави откако си замина легендарната актерка Анче Џамбазова, на својот сопруг, маестро Александар Џамбазов. Таа почина на еден многу специфичен ден, на истата дата кога таа и Џамбазов се венчале.
Препорачано
Македонската театарска и филмска актерка Анче Џамбазова, една од највпечатливите уметници на својата генерација, почина на 30 септември 1997 година, на само 55-годишна возраст. Нејзиното заминување остави длабока празнина во македонската култура, но и во семејството, бидејќи судбината сакала да се случи токму на денот кога со сопругот, композиторот и диригент
Александар Џамбазов, требало да ја прослават 35-годишнината од бракот.
Како што објави „Викимедиа“, Џамбазови се венчале на 30 септември 1962 година, а точно 35 години подоцна, на истиот датум, Анче го загубила животот.
„Се зедовме на 30 септември 1962 година, и она кое ми е најтешко е што точно по 35 години, во 11 часот, кога се венчавме, таа почина“, раскажува Александар Џамбазов во едно од своите интервјуа.
По нејзината смрт, маестрото често зборуваше за празнината што ја оставила неговата животна сопатничка.
„Кога си отиде Анче, и јас отидов, тука сум само, онака…“, изјави Џамбазов.
Нивната љубовна приказна започнала во Охрид, каде што се запознале, а по две години врска ја крунисале со брак. За нивната блискост и посветеност често се пишуваше во јавноста, а важеле за еден од најскладните уметнички парови во Македонија.
Анче Џамбазова беше ќерка на легендарниот актер Петре Прличко, сопруга на Александар Џамбазов и мајка на актерот и шоумен Игор Џамбазов и архитектката Тања Џамбазова. Таа остави неизбришлива трага во македонскиот театар, телевизија и филм.
Публиката ќе ја памети по улогите во „Мирно лето“, „Прозори“, „Брачна понуда“, „Првите цутови“, „Сеништа“, „Сомнително лице“, „Македонски народни приказни“, „Комедијанти“ и многу други остварувања, со кои се вброи меѓу најзначајните македонски актерки.
Во чест на нејзиниот живот и богата уметничка кариера, во 2020 година беше промовиран документарен филм посветен на Анче Џамбазова. Проектот беше реализиран со средства предвидени за одржување на фестивалот „Гола месечина 2019“, со поддршка од Општина Аеродром.
И речиси три децении по нејзиното заминување, Анче Џамбазова останува едно од најпочитуваните имиња во македонското глумиште.
Маестро Александар Џамбазов почина на 25 јануари во 2022 година.


