Италија протера двајца руски дипломати за наводна шпионажа
Италија протера двајца руски дипломати во врска со истрага за шпионажа во која се вклучени поранешни италијански разузнавачки службеници обвинети за доставување класифицирани информации до Москва, пренесува „Москва Тајмс“.
Препорачано
Објаснувајќи ги протерувањата, шефот на дипломатијата Антонио Тајани денеска ја обвини Москва дека ги напаѓа Италија и Западот со „хибридни“ методи, опишувајќи ја наводната шпионажа како „сериозно и неприфатливо мешање во институциите и националната безбедност на Италија“.
По одлуката на владата на премиерката Џорџа Мелони, двајцата руски воени аташеа мора да ја напуштат земјата во рок од три дена, пренесува германската агенција.
Претходно неделава двајца поранешни италијански разузнавачки службеници беа приведени под сомнение дека ѝ доставувале на Русија класифицирани информации во замена за пари. И двајцата на возраст од 59 години, се верува дека шпионирале за Русија најмалку од минатата година.
И четворица припадници на италијанската војска, исто така, се наоѓаат под истрага за шпионажа.
Руското Министерство за надворешни работи веднаш соопшти дека подготвува „соодветен одговор“. Москва генерално на дипломатските протерувања одговора со идентични протерувања од типот „око за око“, потсетува ДПА.
Италија е еден од најсилните европски поддржувачи на Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година. Мелони јасно стави до знаење на самитот на НАТО оваа недела во Анкара дека тоа нема да се промени.


