Уште еден судски спор го дели Градот од отстранување на галијата „Среќа“
Една година по опожарувањето на галијата, „Слободен печат“ дознава дека Градот води два судски спора за овој објект, од кои едниот неодамна е обжален на Апелација, а потоа добиен во полза на градските власти, а сега, според Град Скопје, се чека епилогот од второто судење.
Центарот на Скопје изобилува со разни споменици, мостови, статуи и фонтани чие одржување треба секогаш да е во фокусот на градските власти земајќи предвид дека се една од првите работи што ги гледаат туристите што го посетуваат нашиот главен град, со што воедно тие претставуваат и атракција на странците. За жал, меѓу овие атрактивни објекти се вбројува и демолираната и опожарена галија „Среќа“, која со години скапува во коритото на Вардар.
Препорачано

Потсмев за странците, срам за градот
Поради централната локација, големината и фактот дека е несекојдневна појава да се види макета на брод во центар на град, за странците е невозможно да го избегнат овој опустошен објект, а дел од нив кои снимаат за социјалните мрежи, секогаш во ударниот дел од видеото како тема на потсмев ја земаат галијата „Среќа“, нарекувајќи ја „бродот на Пиратите од Карибите“ и слично.
Галијата „Среќа“ во изминативе пет години е оставена буквално на милост и немилост, земајќи предвид дека таа не е оградена и заштитена и има непречен пристап поради кој често е засолниште на бездомници, како и на уживатели на дроги, а од друга страна, пак, Градот е со врзани раце и не може да направи конкретна промена или да ја отстрани поради судските спорови, кои се сопирачка за било какви активности во однос на ослободување на коритото, а воедно и центарот на Скопје од овој огромен уништен објект.

Обидот за отстранување беше судски прекинат
Единствениот и последен обид за отстранување на галијата го имаше поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, кој пред пет години на крајот од неговиот мандат му даде зелено светло на „Улици и патишта“ да започне да го отстранува објектот.
Тогаш, како причина за уривање на галијата „Среќа“ беше посочено дека, како што тогаш соопштија од Градот, сопственикот на бродот неколку месеци доцнел со плаќањето на киријата во износ од 1.000 евра месечно.
Галијата „Среќа“ баш нема среќа – повторно гореше и никому не му е грижа
Сепак, оваа акција не донесе видливи резултати освен некои минорни отстранувања, по што целиот овој случај заврши на суд откако управителот Жарко Миленковски и бугарскиот инвеститор – фирмата „Сервис емус“ АД Скопје тврдеа дека немаат никаков долг кон Град Скопје и правдата ја побараа пред судските органи.
Тогаш Миленковски соопшти дека во бродот е инвестирано повеќе од 1,2 милиони евра, дека Градот нема ништо вложено, но и дека нема никакви побарувања од нив.
Еден судски спор добиен, сè чека епилог од вториот
Потоа, по завршувањето на мандатот на Шилегов и доаѓањето на Данела Арсовска, галијата цели четири години остана недопрена и сè повеќе се оштетуваше и скапуваше, а последно, таа пред една година беше и сериозно опожарена.
Во мандатот на Арсовска, од Градот ниту еднаш не одговорија на прашањата од „Слободен печат“ во однос на тоа дали воопшто имаат некаков план за галијата „Среќа“, а не одговараа ни до каде се судските постапки и каков е епилогот од судењата помеѓу Градот и сопственикот.

Една година по опожарувањето на галијата, „Слободен печат“ дознава дека Градот води два судски спора за овој објект, од кои едниот неодамна е обжален на Апелација, а потоа добиен во полза на градските власти, а сега, според Град Скопје, се чека епилогот од второто судење.
– Со доаѓањето на новото раководство во Град Скопје, беа интензивирани процесите во врска со посочената галија. За конкретниот случај се затекнати два судски процеси, од кои едниот неодамна е решен на Апелационен суд во корист на градот и пресудата е правосилна. Изразуваме верување дека имајќи ја предвид судската практика, и вториот судски спор ќе биде решен исто така во корист на Град Скопје – велат од Градот за „Слободен печат“.
Опожарената галија во Вардар ниту се урива ниту се поправа: Што се чека, сама да отплови?
Очигледно од Градот се оптимисти и за вториот судски спор, кој доколку според очекувањата повторно заврши во полза на Град Скопје, ќе биде отстранета последната правна пречка, по што ќе може да се премине на отстранување на вандализираната и опожарена галија од коритото на Вардар.
– Со ова се отвораат можностите и Градот преку Јавното претпријатие „Улици и патишта“ презема подготвителни активности за отстранување на тој објект во согласност со правната регулатива – соопштија од Градот.
Дополнително, пред осум години УНДП, Градот и ЦУК изготвија Студија за намалување на ризикот од поплави, во која се предупреди дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти бидејќи, како што се вели во Студијата, постојните три галии за една третина ја намалиле проточноста на реката, со што директно ја зголемуваат можноста од поплави.


